Повеќето држави во светот имаат различен однос и различен третман кон ковид-сертификатите за вакцинираност или прележаност на ковид-19. Кои се целисходноста и придобивките на овие потврди и како треба да се постават македонските здравствени власти за ублажување и намалување на последиците од пандемијата

БРЗОТО ШИРЕЊЕ НА ОМИКРОН, ГОЛЕМИОТ БРОЈ ФАЛСИФИКАТИ И НЕДОСЛЕДНАТА ПРИМЕНА НА ЗАШТИТНИТЕ МЕРКИ ПРОДУЦИРААТ НОВИ ДИЛЕМИ

Драстично различните пристапи во примената и во дефинирањето на таканаречените ковид-потврди, како и сѐ почестите менувања на правилата, но и постојаното „усовршување“ на механизмите за нивна злоупотреба, не само на глобално ниво туку и на европско, па и на нивото на одделни региони, ја доведоа во прашање целисходноста на нивното користење. Иако некои земји веќе се откажаа или најавија дека ќе се откажат од ковид-потврдите, низ поголемиот дел од светот тие и понатаму се применуваат, но со неусогласени со правилата, кои многу често се менуваат. Во Македонија, каде што формално сѐ уште се инсистира на поседување на потврдите при влез во јавни објекти, искуствата покажуваат дека на теренот, во повеќето случаи, веќе никој не ги проверува, што, според некои објаснувања, дополнително придонесува за ширењето на вирусот, кој во изминативе денови секојдневно зема по неколку десетици животи и Македонија ја вбројува меѓу земјите со најголем процент на смртност.
Новиот претседател на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, пред некој ден не ја исклучи можноста за укинување на сертификатите како услов за влез во дел од јавните објекти, како што се моловите, оценувајќи дека тие го губат значењето поради големата распространетост на заразата во населението.
– Но мора да се направи сериозна процена кои би биле придобивките, а која би била загубата од евентуално укинување на сертификатите. За тоа ќе се разговара, но точниот момент дали сега, по две недели или по еден месец, треба да се дефинира по темелни анализи – изјави тој.
И додека се чекаат евентуално нови одлуки на Комисијата, голем број експерти и во земјава и во странство се категорични дека ковид-потврдите ја загубија смислата.
Микробиологот Никола Пановски од самиот почеток беше против примената на ковид-сертификатите, а неодамна и своето членување во Комисијата за заразни болести го услови со нивно укинување.

– Тоа е срам за 21 век и непотребно малтретирање на граѓаните – категоричен е Пановски, кој објаснува дека тие немаат никаков ефект и никакво медицинско оправдување.
Дека ковид-потврдите, особено со појавата на лесно преносливиот сој омикрон, имаат сѐ помалку смисла смета и хрватскиот епидемиолог Бернард Каиќ.
– Правилата веќе почнаа да се менуваат поради новиот сој. Наскоро, веројатно, ќе има уште промени поврзани со ковид-потврдите – прогнозира тој.
Двајцата експерти се согласни дека здравствените власти многу повеќе треба да се фокусираат на зголемување на степенот на имунизацијата наместо да се потпираат на, според нив, медицински неоправданите ковид-потврди, кои никој веќе не ги ни проверува и чија веродостојност често и се оспорува.
Дополнителен проблем во Македонија претставува и евиденцијата за која и во самата Комисија за заразни болести потврдуваат дека е непрецизна. Докторот Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија и член на Комисијата за заразни болести, преку статус на Фејсбук, упати повик до граѓаните да помогнат за создавање појасна епидемиолошка слика.

– За точна процена на моменталната епидемиолошка состојба во државата, неопходно е покрај бројот на вакцинирани и официјално прележани во последните шест-девет месеци, да имаме и јасна претстава за бројот на прележани во истиот период, кои поради разни причини не се евидентирани во „Мој термин“. Ве охрабрувам и повикувам да продискутираме колкав процент членови на вашите семејствата и пријатели го прележале ковид-19 во последните девет месеци, особено во 2022 година, а не се регистрирани во „Мој термин“. Повеќе глави помудро мислат, повеќе очи подобро гледаат. Помогнете ни, за да донесеме релевантни одлуки – пишува докторот, потенцирајќи дека состојбата дополнително ја комплицира користењето на фалсификуваните тестови и ковид-потврди.
Инаку, задолжителната потврда за имунизација на полнолетните граѓани во Македонија, како услов за преминување на границите и за влез на јавни места и собири, беше воведена во август минатата година, по што имаше одредени промени во условите за нејзиното поседување. Во моментов, тоа значи дека имателот на потврдата треба да има примено две дози од вакцина против ковид-19, потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена или негативен ПЦР-тест направен најмногу 72 часа претходно.
Во меѓувреме, во полициските билтени во земјава, но и насекаде низ светот, секојдневно може да се најдат информации за фалсификувани ковид-потврди. Д.М.М.


Каков е односот кон сертификатите во другите држави

– Европската комисија, пред некој ден, предложи да се продолжи употребата на дигиталните сертификати за ковид до 30 јуни 2023 година, со оцена дека вирусот сѐ уште е распространет во Европа и дека граѓаните мора да се осигурат безбедно да патуваат во ЕУ и да користат сертификати. Комисијата, исто така, предложи вклучување висококвалитетни лабораториски антигенски тестови меѓу видовите тестови за кои може да се издаде сертификат за тестирање, како и евиденција за бројот на дози администрирани во која било земја-членка, а не само во онаа што издала сертификат. Европскиот парламент и Советот на ЕУ треба да одлучат за предлогот на Комисијата. Претходно, од први февруари, сите земји во ЕУ требаше да ги приспособат правилата за ковид-сертификатот. Сертификатите за вакцинација сега важат 270 дена, или девет месеци, од последната доза на примарната серија на вакцинација. Во случај на вакцина со една доза, девет месеци од дозата, во случај на вакцина со две дози ќе се сметаат девет месеци од втората доза. Овие правила не важат за засилувачките дози.

– Сертификатите за вакцинација и за прележан ковид-19 во Грција имаат различно времетраење при влез и во внатрешноста на земјата. За патување во Грција е валиден европскиот сертификат за вакцинација, до девет месеци од последната доза, но за влез во затворените објекти во земјата, валидноста на сертификатот е седум месеци, а иста е ситуацијата и со потврдата за прележан ковид-19, која важи 180 дена при влез во земјата и 90 за влез во јавните објекти.

– Литванија, која исто така е членка на ЕУ, ја укина употребата на ковид-сертификатите, иако земјата постојано има висока стапка на инфекција. Истовремено, укината е и обврската на вработените во одредени занимања, вклучувајќи ги и здравствениот и образовниот сектор, редовно да се тестираат. Од тамошната влада објасниле дека со ширењето на позаразната варијанта омикрон, постои ризик од инфекција и за вакцинираните и за оние што ја поминале болеста, што, според нив, значи дека ефикасноста на ковид-потврдите е значително намалена. Од мерките и натаму остануваат задолжителното носење маски, дистанцата и дезинфекцијата.

– Во Чешка деновиве ќе престанат да се бараат ковид-потврди за влез во угостителски и во трговски објекти. Владата од 18 февруари ќе го укине и задолжителното тестирање во фирмите и во училиштата. Мерките што бараат носење маски во затворени простории и ограничување на бројот на луѓе на јавни настани ќе останат во сила.

– Израел ги укинува речиси сите правила со кои се бара од луѓето да покажат статус на вакцинирани, и покрај рекордниот број на пациенти со тежок коронавирус. Веќе в понеделник, луѓето ќе треба да докажат со потврда за ковид дека се вакцинирани или дека закрепнале само ако присуствуваат на големи настани, како што е свадба. Тоа значи дека секој може да оди во ресторани, кина, хотели и дека не мора да покажува потврда.