foto (pixabay)

Белата скијачка патека Јанкинг, северозападно од Пекинг, која се издвојува од сувиот пејзаж на околната планина Ксиаохаитуо е местото каде што се одржуваат скијачки настани за машки и женски спуст на Зимските олимписки игри. Иако температурите во олимпискиот центар се сосема ниски, на секоја од овие врвни ски-патеки снегот е целосно вештачки, пишуваат светските медиуми.

Природниот снег веќе некое време не е сигурна опција за професионално натпреварување во скијање и сноуборд. Поради климатските промени, експертите за зимски спортови велат дека употребата на лажен снег во скијачките натпреварувања е новата реалност, а тоа ги вклучува и Зимските олимписки игри.

Според Бернхард Руси, претседателот на алпскиот комитет на Меѓународната скијачка федерација, вештачкиот снег ќе биде едниствена опција за сите идни олимписки алпски настани

– Ова не е ништо ново. Веќе пет до 10 години, скијаме само на вештачки снег – рече Руси за време на прес-конференција.

Вештачки снег се користеше и на Зимските олимписките игри (ЗОИ) во Пјонгчанг во 2018 година, а исто така и на ЗОИ во Сочи и во Ванкувер.

foto (piksabay)

Како Пекинг направи снег

Поставувањето на патеки за скијање и сноуборд на места каде што има сува клима се покажа како мала пречка за организаторите на Игрите во Пекинг, но со вистинската технологија, постигнувањето на совршените услови за скијање се сведува само на едно копче. Според Веи Кингхуа, менаџерот на планински операции на олимписките места во Џангјаку и Гујангшу, процесот на правење на снегот започнал уште во ноември и продолжил во следните седум недели.

Машините што се користат за правење на вештачки снег за време на Олимписките игри во Пекинг им овозможуваат на техничарите да избираат различни видови снег, согласно потребите за секој спорт.

– Колку е помал бројот, толку е полесен снегот. Крос-кантри скијање и биатлон бараат снег број 3. Во центарот за скијачки скокови, организаторите користат снегот број 5, кој може одлично да се прилагоди на наклонот од 33,6 степени за спортистите – вели Веи.

Стручните лица задолжени за патеките исто така можат да ја контролираат влажноста, температурата и другите фактори за да направат идеални снежни врнежи.

foto (pixabay)

– Според правилата, за време на натпреварите не може да се додава нов снег. Тоа е затоа што новонаправениот снег има поинаков квалитет од постариот снег – рече Веи, напоменувајќи дека за време на ноќта операторите се справуваат со одржување на снегот.

– Снегот го одржуваме и набиваме ноќе, според распоредот на натпреварувањето. Тоа обично трае пет часа – додаде Веи.

Употребата на вештачки снег бара големи количини на вода и употреба на хемикалии – чие влијание врз здравјето и животната средина сè уште не се познати. Но, Веи ја бранеше употребата на вештачки снег за време на Игрите во 2022 година.

Тој појасни дека водата за правење на снегот во Гујангшу, доаѓа само од врнежите, и од површински води, така што вештачкиот снег потоа може да се рециклира, за други цели, како што се земјоделско наводнување, туризам и техничка вода за чистење и одржување на средината.

– Користењето на природен снег, исто така, не беше остварливо за настаните во скијачки скокови во Жанџиаку. Тој настан бара одредена висина за ридот за слетување за скокачи. Затоа, моравме многу внимателно да ја контролираме количината на снег со користење на технологијата за вештачко создавање снег – рече Веи.

Спортистите даваат позитивни оценки

На локацијата Јанкинг, обичен набљудувач не би ја забележал разликата помеѓу природен и вештачки направениот снег, но професионалните спортисти веднаш можат да ја почувствуваат разликата. Пред тренингот, американската алпска скијачка Еј Џеј Херт, била малку загрижена за квалитетот на снегот.

– Кога застанавме на снегот, мислам дека бевме малку загрижении. Си помисливме, дали тука никогаш порано не паѓал снег или овде не паѓа често снег, целиот снег е вештачки – рече таа неколку дена пред нејзиниот натпревар.

Откако излезе на падините, Херт рекла дека нејзините грижи се неосновани, и дека снежната површина е навистина совршена.

foto (pixabay)

Џејмс Клагнет, скијач во крос-кантри од Велика Британија, на новинарите им кажал дека не бил љубител на вештачки снег.

– Патеката е супер, супер бавен. Толку е студено, и малку е како пустина покрај патеката, па кога е ветровито, песокот влегува во патеката. Мора да постигнете одредена брзина и тогаш сте во ред, но кога одите полека, се чувствува како да стоите во место – забележал Клагнет.

Севкупно, повеќето скијачи и сноубордери имале позитивен коментар за квалитетот и состојбата на патеките во пресрет на нивните натпревари.