Нема договор и по втората средба меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Синдикатите остануваат на барањето за минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати, додека дел од работодавачите со предлог да се субвенционира зголемувањето на минималната плата. Она за што сите социјални партнери се согласни е дека постоечкиот модел за усогласување на минимална плата не е прифатлив за никој.
Разговорите, според најавите, треба да продолжат следната недела откако во понеделник на седница на Економскиот совет на Владата ќе биде разгледано се за што е разговарано досега, како и најновиот предлог на Бизнис конфедерацијата изнесен на вчерашниот состанок на Економско-социјалниот совет да се субвенционира дел од зголемувањето на минималната плата.
– Бизнис конфедерацијата која ги застапува микро и малите претпријатија дојде со предлог ако веќе се прифати било кое зголемување на минималната плата до определено ниво, тоа да го поддржи Владата. Тие имаа две барања – едното е поддршка на 50 отсто на бруто-зголемувањето или поддршка на нето-платата која ќе биде зголемена. Ние не бевме спремни за калкулациите бидејќи за сите други модели што претходно беа понудени направивме симулации што тоа би значело. Во понеделник имаме Економски совет на кој ќе дискутираме за се што оваа недела се разговараше. Ќе излеземе со анализи какви фискални импликации може да има за предлогот да го покриеме одреденото зголемување на минималната плата – изјави вчера вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по состанокот во Владата.
Владата останува на ставот дека се најде одржливо решение до кое ќе се дојде само преку консензус меѓу сите социјални партнери.
– Мораме да продолжиме да дискутираме и да најдеме одржливо решение кое ќе генерира еднаш за секогаш да заборавиме да зборуваме за минимална плата. За жал, во нашата држава 13,8 проценти од работниците се приматели на минимална плата, а просекот во Европската унија е три проценти. Ние треба да зборуваме како да го намалиме овој просек – рече Битиќи.
Синдикатите остануваат на нивните барања и на најавите за генерален штрајк. Тие вчера одржаа предупредувачки собир пред седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија, а за четврток на 10 февруари најавија собир пред Собранието кога на пленарна седница треба да се расправа за измените на Законот за минимална плата предложени од „Левица“. Од вчерашниот состанок на Економско-социјалниот совет излегоа незадоволни од односот на работодавачите, а ја охрабрија Владата да застане на страната на работниците.
– Очигледно дека работодавачите си гледаат само за нивните фирми, за нивниот капитал. Еден нефер и некоректен однос од страна на работодавачите, а Владата излезе со одлична анализа која кажува дека моделот што го предлага ССМ и останатите синдикати е најприфатлив и опстоен во идните години. Ја охрабрувам Владата цврсто да застане рамо до рамо со работникот и да го даде тоа што го бараме. Да не се молиме за минимална плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати – изјави вчера претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски.
Работодавачите пак сметаат дека нивниот предлог е најприфатлив. Според нивните пресметки, минималната плата би се зголемила над 16.300 денари.
– Нашата проекција предвидува долгорочно поприфатливи услови за сите работници отколку оние што ги дава синдикатот. Како компании работиме на долг рок и сите наши планови ги правиме на долг рок и сметаме дека од денес за утре платите на работниците не вродува со сигурност за нивното работење – изјави вчера претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска.
За синдикатите, ваквиот предлог на работодавачите е неприфатлив бидејќи вредноста на синдикалната минимална кошничка изнесува 35.040 денари и две вакви минимални плати се малку за да може работниците да ги покријат минималните месечни потреби, пренесе МИА.
И додека течат преговорите за зголемување на минималната плата, во Собранието на дневен ред на пленарна седница на 10 февруари по скратена постапка е ставен предлог за измени на Законот за минимална плата поднесен од „Левица“ со кој се бара минималната плата да биде 60 проценти од просечната плата. Досега, поддршка за ваквиот предлог најавија од ДОМ, Демократскиот сојуз и Социјалистичката партија.