Во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните не е прецизно наведено што сѐ се смета за јавна пропаганда и што значи прекршување на молкот. Во членот 12, став 2 од овој закон, е наведено само дека „јавната пропаганда за референдумот мора да заврши најдоцна 48 часа пред денот на гласањето“. Бидејќи референдумот не се спроведува според Изборниот законик, Државната изборна комисија нема надлежност да го следи прекршувањето на молкот, вели портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска
Веќе помина половина од времето на законски пропишаниот 48-часовен пропаганден молк, пред почетокот на референдумското изјаснување на 30 септември, до кој се чини дека треба да се придржуваат само електронските медиуми – радијата и телевизиите. Имено, според актуелната законска регулатива, само за овие медиуми постои тело што има надлежност да ја мониторира нивната работа и придржување до упатствата за тоа што значи медиумски молк пред референдум. Тоа тело е Агенцијата за медиуми и аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ), која изработи и упатство за медиумско претставување за време на референдумот, водејќи се по аналогијата на Изборниот законик. Во тоа упатство се наведени деталите што сѐ се смета за прекршување на молкот. Меѓутоа, АВМУ нема надлежност за мониторирање на објавите во печатените медиуми, ниту на онлајн-медиумите, а социјалните мрежи воопшто не подлежат под каква било законска регулатива за медиумско работење. Емилија Јаневска, раководителката на секторот за програмски работи, кој всушност го врши мониторингот на медиумите за време на изборна и референдумска кампања, вели дека не постојат прецизни одредби во Законот за референдум, што значи прекршување на молкот.
– Ние, како АВМУ секако немаме надлежност мониторирање на печатените медиуми, интернет-медиумите и социјалните мрежи. Кога станува збор за избори, надлежност за следење на прекршувањата на изборниот молк ги има преземено Државната изборна комисија и тоа е одредено со Изборниот законик. Но, во сегашниов случај, за следење на референдумската кампања и молкот пред референдумот имаме надлежност само за радијата и телевизиите – вели Емилија Јаневска од АВМУ.
Државната изборна комисија е надлежна да го организира и спроведе референдумот и ако се следи логиката на Изборниот законик, ДИК треба да мониторира, да укаже и да го санкционира и прекршувањето на изборниот (рефендумскиот) молк. Меѓутоа референдумот не се спроведува според одредбите од Изборниот законик, туку според Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.
– Во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните не е прецизно наведено што сѐ се смета за јавна пропаганда и што значи прекршување на молкот. Во членот 12, став 2 од овој закон, е наведено само дека „јавната пропаганда за референдумот мора да заврши најдоцна 48 часа пред денот на гласањето“. Бидејќи референдумот не се спроведува според Изборниот законик, Државната изборна комисија нема надлежност да го следи прекршувањето на молкот – вели портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.
Со оглед на референдумската состојба во која регулаторните тела изјавуваат дека имаат релативна надлежност за мониторирање на 48-часовниот молк, реална е можноста за пропаганда во „сивата медиумска зона“ до последниот миг на референдумското изјаснување на 30 септември. Од Владата на РМ, како засегната страна, најавија дека во согласност со принципот на добро владеење дека ќе го почитува предреферендумскиот молк и дека ќе се воздржи од активности што имаат поврзаност со референдумот и со изјаснувањето на граѓаните. Сепак, поучени од искуството, портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, пред почетокот на молкот најави дека на некој начин ќе ги пресретнуваат лажните вести што ќе се шират низ етерот со деманти на социјалните мрежи и објавување на вистината.
– Искуството за време на кампањата покажа нагласено присуство и ширење лажни вести, дезинформации и говор на омраза како и креирање вести врз основа на полуинформации. Сето ова претставува длабоко поткопување на демократските процеси во државата, ширење дискриминација и омраза на штета на граѓаните како и дискредитација на институциите.
Имајќи ја предвид штетата врз јавниот интерес,која може да настане од јавна пропаганда, во текот на референдумскиот молк Вадата најавува дека нема да дозволува граѓаните да бидат изложени на лажни вести. Ќе ги проверуваме фактите и ќе ги презентираме како вада пред граѓаните. Во текот на референдумскиот молк секоја објава детектирана дека е лажна, дека е дезинформација или дека е полувистина ќе биде соодветно идентификувана на почетокот и ќе биде објавено дека истата таа е неточна на официјалните комуникациски канали на Владата, на твитер-профилот на портпаролот и на официјалната фејсбук-страница на Владата – изјави Бошњаковски пред почетокот на референдумскиот молк.
Тој ги повика граѓаните да ги примаат сите информации со посебно внимание за време на молкот и да прават двојна проверка на секоја сензационалистичка вест.