Безбедносната состојба во земјата е стабилна и засега нема индиции кои би укажувале дека би можело да дојде до загрозување на нејзиниот територијалниот интегритет и суверенитет, информираше по денешната 14-та Седница на советот за безбедност, претседателот Стево Пендаровски.
Во однос на тензиите на украинско-руската граница, Пендаровски изјави дека земјава како членка на НАТО ги направила сите неопходни подготовки за можните сценарија во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните во овој регион, за кој рече дека останува потенцијално високо ризична зона.
– Ги поздравуваме дипломатските напори на различни нивоа, кои ги преземаат главните фактори во меѓународната заедница, со кои им се дава шанса да дијалогот и преговорите, а не на оружјето и воинствената реторика – изјави Пендаровски.
Во тој дел од светот, нагласи Пендаровски, има мали симболични знаци за деескалација на реториката во изминатите неколку денови, но се уште е рано да се прогнозира како ќе се одвиваат настаните понатаму.
Во однос на состојбите на регионот, Советот заклучи дека со засилената дипломатска активност на меѓународната заедница во последниот период, тензиите се делумно намалени, со што се отвора простор за повторно воспоставување на дијалогот како единствен начин за надминување на проблемите.
На седницата на Советот, во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, освен редовните членови на претседател на Собранието, Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски, министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министер за одбрана Славјанка Петровска, министерот за надворешни работи Бујар Османи, професорор на Правниот факултет „Јустинијан I“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Ненад Марковиќ, професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа Ветон Љатифи и поранешниот министер за одбрана и универзитетски професор Трајан Гоцевски, на покана на шефот на државата присуствуваа и директорор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, директорор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски и генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.