Во Музејот на градот Скопје вечерва во 20 часот ќе биде промовирана скулптурата „Вон…“ („Out of…“) на скулпторот и професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, Жарко Башески. Скулптурата е со димензии 290х210х90 см, направена е од полиестер, силикон и од природни влакна, а произведува и гласовен фон.
– Нештата во кои се задлабочуваме се токму тоа што нѐ вади… надвор од животот.
Денешниот начин на комуникација и добивање информација нѐ заробува во бескрајна јамка на виртуелни конекции и нѐ дисконектира од вистинскиот свет, оној физичкиот, од она што мириса на дожд, земја и трева. Ова е време во кое со свои очи сведочиме генерации што се претвораат во зомби, комплетно консумирани од лажни вести, наслови – мамки за кликови, „лајкни и сподели“ култура, следење, отследување, Твитер и инстаграм-драма, лажно совршенство, недостапни цели, страв од тоа да не се биде доволно добар на Интернет додека реалната страна во заднината на тоа престанува да биде важна.
Луѓе започнуваат врски за гледаност и лајкови, луѓе патуваат за повеќе следачи, луѓе купуваат неверојатно скапи куќи и автомобили за „претплатници“ и најголемиот дел од нас се „дрогираат“ со туѓа среќа за која првенствено не знаеме ниту дали е вистинска. И тогаш сфаќаме дека ниту имаме време ниту пак идеја како да ја изградиме нашата.
Ние сме живи, секако, но навистина ли го живееме животот на ваков начин?
Дали е ова лош сон или лоша реалност од која треба да се разбудиме за да ги поставиме нештата како што треба? – вели Ирма Башеска Ристовска во текстот кон изложбата.
Јавноста ќе има можност да ја види скулптурата од денеска до 4 октомври.