Подвидот на омикрон означен како БА.2, во Данска ја надмина првичната нишка наречена БА.1 за само неколку недели, од крајот на декември до средината на месецов. Сега т.н. стелт омикрон го погоди Хонгконг, со што тамошната ситуација би можела да понуди одговори за подобро разбирање на неговата заразност, пишува магазинот „Форчун“.
Хонгконг вчера забележа 164 случаи на ковид-19, што е најголем дневен број на заразени уште од почетокот на пандемијата.
– Повеќето од заразените се случаи на омикрон – кажа шефицата на владата на Хонгконг, Кери Лам, на вчерашната прес-конференција.
Рекордниот број на инфекции доаѓа откако градот ја засили стратегијата „нулта-ковид“ за борба против ширењето на ковид-19, со што се чини дека постоечките мерки тешко се справуваат подвидот на омикрон БА.2, кој се нарекува и стелт омикрон поради веќе отфрлената теорија дека потешко се забележува при ПЦР-тестовите.
– Научниците веруваат дека овој подвид би можел да биде за 30 отсто позаразен од првичната нишка на омикрон, а некои велат дека и ќе ја надмине првичната нишка, со што ќе стане следната варијанта од интерес – се наведува во написот на „Форчун“.
Светската здравствена организација (СЗО) неделава ги повика научниците да го испитаат однесувањето на подвидот на омикрон со цел да откријат дополнителни информации. Научниците засега не се сигурни зошто „стелт омикрон“ е позаразен.
БА.2 има голем број на мутации, како и дополнителни генетски мутации кои не се видени во првичната верзија. Уште не е јасно колку значителни се мутациите, особено меѓу населението кое веќе се соочи со првичниот омикрон, според вирологот Џереми Лубан од Универзитетот „Масачусетс“ кој зборуваше за подвидот на омикрон за „Ен-Би-си Чикаго“.
Вкупно 64 отсто од населението на Хонгконг е вакцинирано, со што се смета дека тамошните здравствени експерти ќе добијат можност за испитување и на ефектите врз невакцинираните кои ќе заболат од стелт омикрон.
Првичните анализи од научниците во Данска покажуваат дека нема разлики во хоспитализациите од подвидот БА.2 во однос на првичниот омикрон. Научниците уште ја разгледуваат инфективноста на новата верзија и како вакцините делуваат против неа, а допрва се испитува и ефектот на постоечките лекарства.
Подвидот БА.2 е следен од научниците и надлежните здравствени служби низ светот откако досега е детектиран во повеќе од 40 држави.