Фото: Игор Бансколиев

Најкарактеристични симптоми на неколку различни инфекции

Во моменти кога варијантата омикрон на коронавирусот е најраспространета на планетата, некои медицински експерти во светот велат дека овој сој е многу послаб во споредба со претходната делта-верзија на вирусот.
Во контекст на случувањата, за обележување е фактот дека Светската здравствена организација предупреди дека омикрон не треба да се смета за лесен, иако се чини дека луѓето, особено невакцинираните, заздравуваат со помал ризик од хоспитализација и последици во заболувањето во споредба со делта. Симптомите на омикрон се многу слични со симптомите на настинка или грип, но и на други вирусни заболувања што обично се карактеристични во зимските месеци од годината.
Заедничка карактеристика на сите овие заболувања е и начинот на кој се пренесуваат, а тоа е при директен контакт со заразени лица. Во зависност од присуството на сите овие вируси во телото, симптомите може да се појават најчесто во рок од еден до три-четири дена откако некое лице ќе се инфицира (кај ковид-19 е можно тоа да се случи дури и по 14 дена по контакт со вирусот). Дополнително, заедничко за сите овие случаи е што симптомите може да се движат од слаби до тешки и, во практика, обично траат до една седмица, но и многу подолго во случаите со ковид-19.

Заеднички симптоми

Настинките, грипот и ковид-19 се поврзани со неколку неспецифични, но вообичаени симптоми, кои може да се појават кај кој било од нив, а тие вклучуваат болки во грлото, течење на носот, болки по телото и треска. Но секој од нив има свои специфики. Така, на пример, вирусот на грипот обично го напаѓа само респираторниот систем – носот, грлото и белите дробови – а освен класичните симптоми, предизвикува и дополнителни симптоми, како што се кашлица и затнат нос.
Овие заболувања може да се појават и со т.н. дигестивни симптоми, како што се дијареја, стомачни грчеви и болки, гадење, повраќање. Во оваа група симптоми заднината лежи во вирусите што го напаѓаат дигестивниот систем (на пример ротавирус, норовирус), а главно укажуваат на постоење на интестинален вирус или гастроентеритис во телото.
Меѓутоа, кај болеста ковид-19 и малку поретко кај грипот, освен респираторните симптоми, може да се појават и симптоми како повраќање или дијареја, што е знак дека овие вируси ги напаѓаат двата система на организмот симултано.
За истакнување е и фактот дека откога во светот пристигна варијантата омикрон на САРС-КоВ-2, забележани се и два нови симптоми кај заразените пациенти, а тоа се гадење и губење на апетитот.
Според Тим Спектор, професор по генетичка епидемиологија на Кралскиот колеџ во Лондон, овие симптоми често биле присутни кај оние што примиле две дози од вакцината, па дури и кај оние што примале дополнителна трета доза.

Важноста на тестирањето

Откако ќе се појават симптомите, само преку тестирање со сигурност може да се открие дали некој е заболен од ковид-19 или од грип. Дополнително, инфекцијата со варијантата омикрон најчесто се манифестира преку послаби симптоми, а поради тоа во практика тешко може да се разликува од обичната настинка, особено кај луѓето што се вакцинирани.
Доктор Ендрју Фридман, кој е специјалист за заразни болести на универзитетот „Кардиф“, вели дека многу луѓе, особено вакцинираните, добиваат симптоми што инаку би се сметале за обична настинка, па токму затоа без тестирање заболувањето од ковид-19 тешко се забележува во практика.


Новиот сој опстанува подолго на кожата и на пластиката

Варијантата омикрон успева да опстане подолго на човечката кожа и на пластичните површини во споредба со претходните верзии на коронавирусот. Ова го откриле јапонските научници во својата студија наменета за Светската здравствена организација.
Тие заклучиле дека токму оваа екстремно висока „стабилност во околината“, односно високата инфективност и екстремната издржливост му овозможиле на сојот омикрон да ја надвладее делта како доминантен сој, кој се прошири со огромна брзина.
Според истражувањето од Јапонија, на пластичните површини, просечното време на преживување на оригиналниот сој на коронавирусот било 56 часа, на варијантата алфа 191,3 час, на бета 156,6 часа, на гама 59,3 часа и на делта 114 часа, а во споредба со нив омикрон останува околу 193,5 часа.
Веб-страницата БиоРxив, анализирајќи го истражувањето од Јапонија, додава и дека на примероците од човечка кожа просечното време на преживување на коронавирусот било 8,6 часа за оригиналниот вид. Натаму, 19,6 часа за сојот алфа, 19,1 часа за бета, 11 часа за гама, 16,8 часа за делта и – 21,1 час за омикрон.


Какви симптоми пријавуваат заболените од омикрон

Медицинарите истакнуваат дека сојот омикрон е многу заразен, а прелиминарните студии укажуваат дека главно предизвикува послаба и полесна форма на заболување. Симптомите што укажуваат на тоа дека лицето е заразено со омикрон вклучуваат температура, воспаление на грлото и чувство на гребење во грлото, силни болки во телото, ноќно потење, повраќање и губење на апетитот.
Докторката Анжелик Коци наведува дека кај пациентите заразени со омикрон не се појавуваат симптоми како што се губење на сетилото за мирис и вкус, затнат нос и многу висока телесна температура.
Професорката по епидемиологија на Универзитетот во Лондон, Ирене Петерсон, пак, истакнува дека овие два симптома може да бидат знак и за некоја дополнителна инфекција на пациентот, но треба да се има предвид дека тоа може да укажува и на инфекција со омикрон со друга болест.


Заеднички симптоми на ковид-19, грип и настинка

Сува кашлица: ковид-19 (често), грип (често), настинка (невообичаено)
Отежнато земање здив: ковид-19 (понекогаш), грип (не е забележано), настинка (не е забележано)
Треска: ковид-19 (вообичаено), грип (вообичаено), настинка (ретко), цревни вируси (понекогаш)
Затнат нос: ковид-19 (ретко), грип (понекогаш), настинка (вообичаено)
Болки во грлото: ковид-19 (понекогаш), грип (понекогаш), настинка (вообичаено)
Главоболка: ковид-19 (понекогаш), грип (вообичаено), настинка (не е забележано), цревни вируси (понекогаш)
Болки во телото: ковид-19 (понекогаш), Грип (често), настинка (често), цревни вируси (понекогаш)
Кивање: ковид-19 (не е забележано), грип (не е забележано), настинка (вообичаено)
Исцрпеност: ковид-19 (понекогаш), грип (вообичаено), настинка (понекогаш), цревни вируси (вообичаено)
Дијареја: ковид-19 (ретко), грип (понекогаш), настинка (не е забележано), цревни вируси (често)
Гадење: ковид-19 (понекогаш), грип (понекогаш), цревни вируси (често)