Русија, наводно, го проширува своето влијание, зголемувајќи ги етничките тензии во балканските држави кои сакаат да и се приклучат на Европската унија, со што го поттикна Брисел да размислува за проширување на ЕУ, а го привлече и вниманието на Вашингтон околу можните безбедносни ризици за членките на НАТО, според аналитичарите упатени во политичката состојба, пишува „Њујорк тајмс“.
– Балканот стана уште поважен по одговорот на Западот за случајот „Скрипал“ при што беа протерани околу 150 руски дипломати. Русија бара начини за да возврати – вели Марк Галеоти од институтот за меѓународни односи во Прага.
Во неговата најнова анализа за Европскиот совет за меѓународни односи, тој истакна дека „Русија го гледа Балканот како бојно поле за нејзината политичка војна“, сакајќи да „стекне предност и влог во односите со ЕУ“.
Пресметките на Западот со Русија имаат потенцијал да внесат нова нестабилност во земјите од поранешна СФР Југославија, кои уште се опоравуваат од војните кои ја растурија заедничката држава.
БиХ претставува една од клучните точки кои Русија сака да ги искористи, според Чарлс А. Капчан, кој беше директор за Европа во советот за национална безбедност на САД, во администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама.
– Другите точки се Македонија, каде што односите помеѓу Албанците и Македонците се тензични, како и Србија и Косово – се наведува во текстот.
ЕУ, сепак, моментно се воздржува од обновување на можностите за членство на Македонија, БиХ, Црна Гора, Србија, Косово и Албанија, поради загриженоста од мешањето на Русија.
„Њујорк тајмс“ затоа потсетува на зборовите на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој често вели дека сегашната ситуација наликува како „седење во заклучена чекалница без излез“.
Згора, Вашингтон покажува зголемен интерес за регионот, бидејќи постои загриженост за зголеменото влијание на Русија, според аналитичарот Рас Џонсон, кој додава дека американскиот Конгрес бара „проценка за безбедносната соработка помеѓу секоја држава од Западен Балкан и Русија“, од министерството за одбрана на САД.
Русија, наводно, се обидува да го прошири влијанието на Балканот на политички, економски план, како и преку присуството во медиумите.
Американските аналитичари, сепак, остануваат оптимисти дека сите држави од поранешна СФРЈ ќе бидат примени во ЕУ.
– Знаеме дека оваа приказна ќе заврши со влегување на сите држави од СФР Југославија во ЕУ, но прашањето е кога – порача Капчан.