Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, придружуван од Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска, вицепремиерка за политики за добро владеење, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Фатмир Бесими, министер за финансии, Горан Милевски, министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, и Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација, се сретна со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев.
На средбата премиерот Ковачевски му го честиташе на претседателот Радев изборот за претседател на Бугарија и изрази надеж дека со конституирањето на највисоките државни институции после изборите, како и новиот состав на Владата во Скопје претстои период на политичка стабилност во двете земји за постигнување напредок во билатералните односи и во отворањето на заедничката европска перспектива на двете земји.
Премиерот Ковачевски изрази задоволство од резултатите на заедничката седница со Владата на Република Бугарија, со што двете земји започнуваат еден нов процес на соработка со цел да се обезбеди интензивирање и продлабочување на добрососедските односи во многу области.
– Ќе се залагаме за дијалог, со почитување на европските вредности и со почитување на достоинството на македонските граѓани и на граѓаните на Бугарија – рече Ковачевски.
Од резултатите и соработката, низ искрен дијалог истакна премиерот Ковачевски, се очекува да се создадат услови за поместување во процесот на интеграцијата на Македонија во ЕУ, во кој Бугарија и нејзиното искуство од петнаесетгодишното членство во ЕУ може да ја преземе улогата на лидер во поддршката за евроинтеграцијата на Македонија.
Во разговорот беше истакнато дека средбите на високо и највисоко ниво испраќаат силна и јасна порака до јавноста и во таа насока премиерот Ковачевски и претседателот Радев се согласија дека свој придонес во таа насока се очекува и од сите идни средби на највисоко политичко ниво.