Меѓународниот конкурс за поезија во Сицилија, Италија, „Антево слово 2021-22“, ги информира заинтересираните автори дека остануваат уште десет дена до кога можат да испратат свои стихови за учество и можност да бидат добитници на наградата. Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ во соработка со здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ годинава по петти пат го распишува конкурсот за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“, специјална награда на фестивалот, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
На конкурсот можат да учествуваат поети од Македонија, кои ќе испратат една своја необјавена песна на е-адресата: [email protected] на македонски и италијански или англиски јазик. Со учеството на овој конкурс истите тие автоматски учествуваат и за носечката награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“. Поезијата може да се испраќа до 30 јануари.
Сите пријавени учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда што е именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и специјалната награда „Антево слово“, која ќе се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.