Словенија
Словенија стана последната мала европска земја во низата што одлучи да ги зајакне трговските врски со Тајван, пишува „Политико“. Министерството за надворешни работи на Тајван во вторникот ги потврди плановите со оваа, како што се наведува, балканска нација за меѓусебно отворање трговски претставништва, што два дена претходно ги најави словенечкиот премиер Јанез Јанша. Според „Политико“, ова е потег што се заканува дополнително да ги ескалира тензиите меѓу Европската Унија и Пекинг поради затоплувањето на дипломатските односи на Литванија со Тајпеј, што ја поттикна Кина да воведе строго трговско ембарго.
Истовремено, како опасен е оценет ставот на словенечкиот премиер Јанез Јанша дека неговата земја ќе отвори претставништво во Тајван, соопшти кинеското министерство за надворешни работи. „Тајван е неделив дел од кинеската територија, а Владата на Република Кина е единствената легитимна влада што ја претставува цела Кина“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Жао Лиџијан, на прес-конференција во Пекинг.
„Тоа е и политичка основа на односите меѓу Кина и Словенија, но и меѓу Кина и Европа“, додаде кинескиот функционер, наведувајќи дека Кина ја оценува позицијата на Словенија како „опасна“.
Зборувајќи за Тајван како „демократска земја“, Јанша изјави за индискиот јавен радиодифузен сервис Дордаршан дека Словенија и Тајван работат на воспоставување размена на претставници. Се разбира, тоа не би било на ниво на амбасади. Тоа би било истото ниво што го имаат многу земји-членки на ЕУ со Тајван“. Јанша, исто така, рече дека ќе ја поддржи „суверената одлука“ на Тајванците доколку решат „да сакаат да живеат самостојно“.