Германија
Енормен раст на цените на половните автомобили во Германија како никогаш досега. Меѓу најбараните половни автомобили на плацовите во земјата се оние со дизел-мотори, а медиумите пренесуваат дека недостигаат да се купат и бензинци, но и оние со погон на струја. Според информациите, причината за раст на цените на употребуваните автомобили е недостигот од новите односно компонентите за нивно производство, како на пример микрочиповите. Некои од медиумите пишуваат дека ваквиот проблем ќе се влошува дополнително, а подобрување нема да има на повидок дури до 2023 година.
– Во моментов имаме помалку користени автомобили од клиенти. Половните автомобили станаа ретка стока. Клиентите треба да платат повеќе за достапните користени автомобили – вели Томас Пекрун, заменик-претседател на Централната асоцијација на германската автомобилска трговија (ЗДК).
Според Пекрун, цените се зголемени од пет на десет проценти.
Во исто време, Мартин Вајс, кој работи за ДАТ, организација основана во 1931 година за неутрално и објективно проценување на вистинската вредност на автомобилите, вели дека тој е изненаден кога ги набљудува актуелните трендови во индустријата.
– Пазарот полуде – вели Вајс.
Тој додава дека половните автомобили се поскапи од кога било досега, дури и над 15 отсто, но и повеќе.
Експлозијата на цените беше предизвикана од пандемијата и постојаниот недостиг од чипови за автомобилска електроника. Во 2020 година, поради пандемијата, беа регистрирани помалку нови автомобили, па некои од нив сега недостигаат на пазарот на половни автомобили. Според пресметките на ДАТ, Германците за купување половен автомобил издвојуваат просечно 14.730 евра, што е за 19 отсто повеќе од 2019 година.
Подготвил: Дејан Србиновски