Јирген Клоп им даде шанса на 44 млади фудбалери да дебитираат од октомври 2015 година досега, а во тој период клубот инкасира и над 100 милиони фунти од продажбата на млади играчи, пишува весникот „Телеграф“
Откако ја презеде менаџерската функција во Ливерпул, во октомври 2015 година, Германецот Јирген Клоп им даде шанса на 44 млади фудбалери да дебитираат во „црвениот“ дрес. Покрај тоа, во тој период клубот инкасира над 100 милиони фунти (120 милиони евра) од продажбата на млади надежни играчи, пишува весникот „Телеграф“. Крајната цел на секоја академија е да продуцира првотимци, а оние што се истакнаа на мечот со Шрусбери (4-1) во третото коло на ФА-купот се надеваат дека ќе ги следат стапките на Трент Александер-Арнолд и на Куртис Џонс, кои веќе се етаблирани играчи во Премиер-лигата. Нема да биде изненадување ако најмладиот стрелец на клубот во историјата на ФА-купот, Кејд Гордон, наскоро му се приклучи на првиот тим. Плејмејкерот Тајлер Мортон веќе играше во Лигата на шампионите (ЛШ).
За некои други, пак, патот до првиот тим имаше тенденција да донесе профит. Продажбата на Рајан Брустер (21) на Шефилд за 23,5 милиони фунти (28,2 милиони евра) во 2020 година, без ниту еден одигран меч во Премиер-лигата, е последната голема зделка на клубот. Минатото лето, Ливерпул за Хари Вилсон доби 12 милиони фунти од Фулам, за играч што играше само на мечеви во Купот. Холанѓанецот Ки-Јана Ховер, најмладиот фудбалер на клубот во историјата на ФА-купот, замина во Вулверхемтпон во 2020 година, за 13,5 милиони фунти, повторно без ниту еден првенствен настап. Ливерпул не е единствен што функционира на тој начин. Манчестер сити и Челси, исто така, инкасираат големи пари од продажбата на млади играчи од нивните академии. Но од тековната „врвна четворка“, Ливерпул нуди понепосредна патека до сениорскиот фудбал, иако ретко се случува домашните, локални играчи да станат стандардни во тимовите на мечеви во Премиер-лигата и во ЛШ.
Ниту една фудбалска песна не се пее со толкаво задоволство како онаа во која се вели „некој од нашите“, но за секој Мејсон Маунт, Фил Фоден или Александер-Арнолд има многу други за кои тоа што се таленти од соседството може да биде повеќе пречка отколку помош. Ако отидете на некој меч во Премиер-лигата, ќе забележите дека по почетните аплаузи, уште по првото погрешно додавање локалните момчиња се цел на потсмев. Од нив се очекува многу повеќе и полесно се жртвуваат кога нема да ги исполнат ветувањата.
– Да, дефинитивно може да биде потешко. За почеток, секој што те познава е навивач, така што ти врши дополнителен притисок. Тој притисок беше помалку интензивен кога се преселив во Астон вила. Но, исто така, факт е дека на менаџерите им е полесно да се справат со млад домашен играч, отколку со некој што е доведен за големи пари. И понекогаш ставаат млади играчи во првиот тим за да ја кренат нивната цена и да заработат пари – вели Стивен Ворнок, поранешен играч на Ливерпул, производ на клупската академија.
Фудбалерите од академиите имаат тенденција да бидат најпотрошливата работа, атрактивен извор на приходи за клубовите што сакаат да ги продадат, а кои ништо не ги чинеле, но и добра опција за оние што бараат млади надежи за прифатлива сума. На мечот со Шрусбери, во Купот во 2020 година, Ливерпул го изведе најмладиот стартен состав досега, во кој беа голманот Каоимин Келехер, Нико Вилијамс и Куртис Џонс, кои забележаа најголем напредок оттогаш. За повеќето во тогашниот тим тоа беше врвот на нивната кариера на „Енфилд“, а не почеток. Но тоа беше непроценливо искуство и платформа да се импресионираат други клубови. Во неделата, Клоп го изведе четвртиот најмлад тим во клупската историја против истиот противник, во кој имаше доволно квалитет за да сугерира дека ќе следуваат понатамошни можности.