Кавадаречкиот Дедо Мраз, Ѓорѓи Вареловски, ја продолжува својата хумана мисија

Ангажирањата на кавадаречкиот Дедо Мраз, Ѓорѓи Вареловски, за време на новогодишните празници од година на година сѐ повеќе се зголемуваат. Така, годинава тој по 24-ти пат прекрасно го украси новогодишно својот двор и подготвено ги пречека сите посетители од цела Македонија што посакаа да дојдат во ова магично катче, да се дружат со него и, се разбира, да добијат новогодишно пакетче.
Со задоволство ни откри дека годинава поделил дури 1.700 пакетчиња, меѓутоа поинтересен е податокот што повеќе од 80 отсто од неговите посетители се надвор од Кавадарци, и тоа од: Гевгелија, Прилеп, Валандово, Охрид, Битола, поточно речиси од цела Македонија. Меѓу неговите посетители се најдоа и дечиња на наши иселеници од Австралија, Холандија, Франција, Германија и Шпанија што за празниците престојуваат во татковината.
– Повеќето од нив не знаат да зборуваат добро македонски. Како и сите деца, долго се задржуваа во украсениот и блескав двор и сакаа да се дружат со Дедо Мраз. Тоа особено ме радува дека токму јас ќе бидам дел од нивните детски спомени поврзани со Македонија – вели Вареловски.

Соработка на двајца дедомразовци

И оваа година Ѓорѓи Вареловски ја продолжи својата хумана мисија да израдува неколку социјално загрозени семејства. Овој пат инспириран од емисијата „Срце на дланка“, побарал помош од авторката на емисијата Оливера Петрушевска за изборот на семејства на кои навистина им е потребна помош. Изборот паднал на семејството со осум деца на Санде Стојановски од селото Каратманово. При посетата, тие затекнале шест од осумте деца на кои кавадаречкиот Дедо Мраз им подели новогодишни пакетчиња, прехранбени артикли во вредност од 100 евра и парични средства. Второто семејство е на Дијана Накова од Свети Николе, која се грижи за нејзините две внучиња, кои останале без нивната мајка. Всушност, бабата и прабабата сега се грижат за внуците. И ова семејство од Дедо Мраз доби прехранбени артикли и парични средства.
Третото семејство беше во Велес, а го одбравме заедно со Ацо Дуновски, или во Велес познат како Веселиот Дедо Мраз. Со него се запознавме минатата година во мај, кога тој дојде во Кавадарци да се вакцинира и притоа ме побара да се запознаеме. Тој беше одушевен од она што го правам низ изминатите години, а јас во него препознав нов пријател со кој имаме многу заедничко кога станува збор за децата. Во комуникација со Ленче Здравкин одбравме семејство со четири дечиња на кои навистина им е потребна помош. Во оваа хумана акција со свои донации ми се придружија и Ленче Здравкин и Веселиот Дедо Мраз од Велес, кои исто така донираа подароци, па, така, посетата на семејството помина прекрасно, а децата беа пресреќни и заради подароците и затоа што нивниот дом го посетија дури двајца дедомразовци – вели Ѓорѓи Вареловски.

Кај болните дечиња во кавадаречката болница

Оваа година кавадаречкиот Дедо Мраз не ги заборави ни болните дечиња на Детското одделение во кавадаречката болница.
Голема радост му приредија и членовите на фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања, заедно со нивниот раководител Стојко Митковски, кои ја прифатија неговата покана и за овие новогодишни празници беа негови гости. Она што ќе ја одбележи оваа 2022 година, покрај многубројните пријатели што ги стекнува како Дедо Мраз, Ѓорѓи Вареловски ни открива дека му се исполни желбата да лета со хеликоптер. Всушност, по покана од градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, Вареловски имаше можност заедно со Баба Мразица да слета со хеликоптер на игралиштето на спортскиот центар „Јасмин“ и да израдува со новогодишни пакетчиња 1.900 дечиња, проект реализиран од локалната самоуправа.
– Богатството на човекот е во душата, а не во парите, кога со своите минимални примања како градежен работник може да израдува многу дечиња и на неколку семејства да им однесе прехранбени продукти и парични средства. Мислам дека тоа го можат многу семејства во Македонија. И покрај тоа што сето ова бара многу ангажирање и лишување од некои задоволства, јас ќе го правам сѐ додека можам. Наредната година, кога одбележувам 25 години дружба со децата како кавадаречки Дедо Мраз, планирам уште повеќе да го украсам дворот и да развеселам уште многу дечиња – вели Ѓорѓи Вареловски.


Дојди, дојди, Дедо Мраз

Дојди, дојди, Дедо Мраз,
влези и во домот наш!
Ти си патник дар што носи,
од очите смев што роди,
од устата глас што лее
– најубаво што ни пее!

Дојди, дојди од сто страни,
прескокни ги сите брани,
препливај ги сите реки,
прелетај ги сите смреки!
Ти си старец – живожарец,
а најбогат дародавец!

Дојди, дојди, те чекаме
– по тебе сите пекаме!

Стојан Тарапуза (од книгата „Ѕвезда со гнезда“)