Во 2-в одделение во ООУ „Гоце Делчев“ од Кавадарци беше весело и креативно пред празниците
Учениците од 2-в одделение во ООУ „Гоце Делчев“ во Кавадарци, заедно со нивната наставничка Милка Хаџиманова Китаноска, реализираа многу активности, со кои придонесоа новогодишните празници да бидат многу поубави, порадосни и, се разбира, посреќни. Првиот заеднички ангажман беше украсување на нивната училница и китење на новогодишната елка, во што, мора да признаеме, беа многу успешни. Но целата нивна креативност и радост што ја чувствуваат по повод новогодишните и божиќните празници дојдоа до израз во активноста на подготвувањето новогодишни честитки. Со овие ракотворби, тие ја украсија својата училница, а најважниот ефект од оваа активност беше да се поттикне желбата повторно да се испраќаат честитки до оние што ни се најблиски и најмногу ги сакаме, по можност тие честитки сами да ги изработат.
По иницијатива на самите ученици и нивните родители, второодделенците заедно со нивната наставничка ја реализираа и третата активност, а тоа е новогодишна лотарија. Имено, секој ученик донесе убаво спакуван новогодишен подарок. Сите подароци беа обележени со броеви, а истите бројки беа ставени во еден сад, каде што учениците можеа да извлекуваат број и сами да си го земат подарокот означен со извлечениот број. Според зборовите на нивната наставничка Милка Хаџиманова Китаноска, оваа активност предизвика најголема радост кај учениците и двојно задоволство, затоа што истовремено тие подаруваат, но исто така и добиваат новогодишен подарок.
Круната на новогодишните случувања, се разбира, беше слетувањето на Дедо Мраз и Баба Мразица со хеликоптер на спортскиот центар „Јасмин“ во Кавадарци, од кои добија и новогодишни пакетчиња. Ми.М.
Дали е тешко да нацрташ Снешко?
Не, не е тешко
да нацрташ Снешко.
Ќе земеш хартија бела,
не треба боја и четка,
туку со обичен молив
се црта Снешко за петка.
Направи еден круг,
над него помал, друг,
тоа е Снешко цел,
се знае, целиот бел.
Малиот круг е глава,
со морков, наместо нос,
за Снешко чевли нема,
тој е во снегот бос.
Тоа е сиот штос.
Наум Попески