За пет дена акција 11 возила во Тетовско и Гостиварско се исклучени од сообраќај, бидејќи имале техничка неисправност поврзана со штетните издувни гасови што ги емитуваат. Засилените контролни активности се во функција и полицијата во рамките на своите надлежности да придонес во откривањето на оние кои влијаат во аерозагаденост на подрачјето, велат од тетовскиот Сектор за внатрешни работи.

-При сообраќајните контроли сопствениците на возилата се упатуваат на вонредени технички преглед каде доколку се утврди поголем процент од дозволеното на штетните гасови се исклучуваат од сообраќај. На тетовското подрачје досега откриени и исклучени од сообраќај се 5 возила кои емитувале штетни издувни гасови повеќе од доволената граница. Бројот на ваквите возила на гостиварското подрачје во овој период изнесувал 6- истакна портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Потоа на сопствениците на технички неисправните возила, поради високите концентрации на штетни издувни гасови, изготвени им се прекршочни платни налози. Согласно член 42 од Законот за возила глобата за овој вид прекршок изнесува 120 евра во денарска противвредност. Доколку возилото е сопственост на фирма, предвидена е соодветна глоба и за одговорното и правното лице.

А.С.