Според АФП, меѓу главните причини за ова иселување се слабиот економскиот раст и недостатокот на инвестиции
Со своите напуштени продавници и речиси напуштени улици, малиот град Валандово е како многу градови во Северна Македонија кои младите ги напуштаат во голем број со надеж дека ќе најдат подобар живот во странство, започнува репортажата на „Франс Прес“, пренесена во голем број на француски медиуми, како Ле Поан, Франс24, Бурсорама итн, посветена на масовната емиграција кон запад.
-Како и другите земји на Балканот, Северна Македонија се бори со алармантен демографски пад, поттикнат од масовната емиграција и стареењето на нејзините жители.
Земјата изгуби 10 отсто од населението во изминатите дваесет години, а сега има 1,8 милиони жители, според прелиминарните резултати од септемврискиот попис, 200.000 помалку отколку во последниот попис во 2002 година.
Триесет години по независноста на државата, околу 600.000 Македонци живеат во странство, покажуваат податоците на Светска банка и Владата во Скопје.
Според АФП, меѓу главните причини за ова иселување се слабиот економскиот раст и недостатокот на инвестиции.
-Ако околу четвртина од вашите 2,4 милиони жители си заминале, треба да бидете сериозно загрижени за тоа што се случува, вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.
Селата и малите градови, како што е Валандово лоцирано на 146 километри југоисточно од Скопје, нудат малку можности за работа, притискајќи ги амбициозните луѓе да бараат работа на друго место.
-Духот на младите е систематски уништен, а нивниот ентузијазам да се борат и да останат дома исчезна, изјави за АФП Перо Костадинов (33 години), неодамна избраниот градоначалник на Валандово.
-Пет мои соученици се веќе во странство со своите семејства, додава Бојан Николов (24 години), член на општинскиот младински совет во Валандово, град кој преживува главно од земјоделство.
За оние кои остануваат во земјава просечната месечна плата од 470 евра едвај ги задоволува основните потреби.
-Подобро да си роб за 2.000 евра во странство отколку да си дома за 300 евра, слушаме често низ земјава.
Но, Северна Македонија не е сама во оваа ситуација на Балканот, потсетува АФП
Во Албанија, околу 1,7 милиони жители, или речиси 37 отсто од населението, ја напуштиле земјата во изминатите 30 години.
Во Србија, според проценките, стотици илјади луѓе го обновиле својот живот во странство, вклучително и 10.000 лекари, кои заминале во изминатите две децении.
А членството во Европската унија не гарантира враќање на овој демографски тренд, нагласува АФП и го дава примерот со Хрватска.
Од влезот во ЕУ во 2013 година, населението на Хрватска се намали за речиси 10 отсто и моментално едвај надминува четири милиони, според првите резултати од пописот во 2021 година.
Според процените на ОН, до крајот на векот Хрватска би можела да има едвај 2,5 милиони жители.