Министерот за здравство, Венко Филипче, и синдикалните здруженија на здравствените работници, потпишаа анекс на колективниот договор според кој во годината што следува е предвидено да се реализира зголемување на платите за 5 отсто за сите вработени во здравството.
Вкупно 600 милиони денари се издвоени за оваа намена за 2022 година.
– Во изминатите четири години оваа Влада го врати достоинството на лекарите и медицинскиот персонал. Основната плата на лекарите специјалисти ја зголемивме за 40 проценти, на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 отсто, на општите лекари за 25 отсто, а на здравствени соработници за 15 проценти. Платите на лекарите специјалисти некаде се дуплирани. Го корегиравме коефициентот за дежурства. На младите колеги специјализанти им овозможивме здравствено осигурување, платени дежурства и месечен надомест во висина на основна плата на општ лекар. Граѓаните заслужуваат најдобра медицинска нега, а здравствените работници достојни услови за вршење на нивната дејност – велат од Министерството за здравство.