Земјите членки на ЕУ загубиле 150 милијарди евра од неплатен данок на додадена вредност, поради неефикасност на фискалните системи, се наведува во студија на Европската комисија.
– Губењето 150 милијарди евра годишно останува неприфатливо за националните буџети, посебно кога од тоа 50 милијарди евра оди во џебовите на криминалци, шверцери и веројатно терористи – изјави еврокомесарот за финансиски работи Пјер Московиси.
Тој порача дека е потребно „суштинско подобрување“ кое е можно единствено преку усвојување на реформата на системот на ДДВ, која ЕК ја предложи пред една година.
Московиси ги повика земјите на ЕУ итно да ги усвојат реформите пред следните избори за Европскиот парламент во 2019 година.