Властите во најголемата канадска покраина Квебек, која се соочува со највисока стапка на зараза во државата, соопштија дека тамошните здравствени работници кои ќе бидат позитивни на коронавирус ќе продолжат да работат под одредени околности, пренесува „Њујорк тајмс“.
Новите прописи ќе се однесуваат на сите неопходни работници во покраината, вклучувајќи ги и оние од здравството, истакна покраинскиот министер за здравство Кристијан Дубе.
За време на претходни бранови на ковид-19 во Квебек, цел била идентификацијата на работниците под ризик од зараза, кои потоа биле ослободувани од работните обврски, но сега дошло до промена на прописите поради високата заразност на омикрон и големиот број на случаи, како што истакна Дубе, нагласувајќи дека „нема избор“. Допрва се очекува да бидат објавени дополнителни информации за условите во кои ќе работат лекарите со ковид-19.
Просекот на нови случаи на ковид-19 во Квебек се зголемил за 376 отсто во изминатите две недели, со што дневниот број на случаи надминува осум илјади во текот на претходните седум дена, според податоците од Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Во САД, пак, одредени сојузни држави ја повикаа националната гарда на помош на болниците и другите здравствени установи кои се соочуваат со недостиг на кадар поради ширењето на заразата.