Кина
Кина ги користи претстојните Зимски олимписки игри како повод да ја подобри животната средина. Во таа насока, властите во Пекинг вложија напори да го подобрат квалитетот на воздухот откако земјата ја доби организацијата, но Министерството за екологија кажа дека зимскиот смог сепак останува да биде сериозен проблем. Критичарите во 2015 предупредија дека Зимската олимпијада ќе биде засенета од опасен смог во регионот во кој доминира тешката индустрија. Во тој контекст, претседателот Си Џинпинг веднаш по критиките вети дека ова ќе бидат зелени олимписки игри. Оттогаш, Кина посади илјадници хектари дрвја во Пекинг и во Хебеи, изгради огромни фарми за ветерна и соларна енергија и пресели стотици бизниси надвор од локалитетите на одржување на Зимските олимписки игри. Со тоа резултатите веднаш биле видливи.
Според информациите, во 2016 г., просечната концентрација на ПМ2,5 честички во регионот Пекинг-Тијанџин-Хебеи била 71 микрограм на кубен метар, што во некои период се зголемувала и на повеќе од 500 во зимските месеци. Од јануари до септември годинава како резултат на зелените политики просекот бил само 40 микрограми. Интересно е што организаторите исто така кажаа дека за потребите на гостите и објектите каде што ќе се одржуваат зимските Олимписки игри ќе се користи пречистена вода собирана од планински истеци и летни дождови.
Подготвил: Дејан Србиновски