Повеќе од четири децении, основното музичко училиште „Васо Карајанов“ посветено работи на стекнување знаења и вештини кај учениците, со што обликува нови генерации успешни музички и балетски уметници, како и продуктивни и одговорни граѓани

Во ООМУ „Васко Карајанов“ во Гевгелија прославени 100 години од раѓањето на патронот

„Музиката претставува непрекинат дијалог, мост меѓу култури и цивилизации. Таа е дијалог за корените на животот, за возвишеноста на човекот и траењето низ вековите. Пред нас се отвораат нови звучни полиња, започнува потрагата по имагинарното сонувано совршенство. Вљубениците во музичката уметност живеат со мислата за минливоста на животот, но и со вербата дека со музиката е можно траењето, дека е осмислено векувањето“. Со овие зборови го започна своето обраќање на Новогодишниот концерт минатата среда, по повод патрониот празник на ООМУ „Васо Карајанов“, директорката Сузана Стефанова.
– Нашето музичко училиште со гордост го носи името на македонскиот херој од Народноослободителната војна и заменик-командант на партизанскиот одред „Сава Михајлов“, Васо Карајанов. Духот на нашиот патрон нѐ води и низ воспитно-образовната дејност на нашето училиште, во кое годишно се вбројуваат над 130 ученика, не само од општината Гевгелија туку и од општините Богданци, Дојран и Валандово. Тука се раѓа желбата за изучување и на други музички инструменти, а со тоа и проширување на наставниот кадар, кој веќе постои како реален човечки ресурс и е подготвен да го имплементира своето знаење во оваа благородна уметничка дејност – напомена Стефанова.
Повеќе од четири децении, основното музичко училиште „Васо Карајанов“ посветено работи на стекнување знаења и вештини кај учениците, со што обликува нови генерации успешни музички и балетски уметници, како и продуктивни и одговорни граѓани.

Низ училиштето поминале голем број ученици, кои денес се успешни и реализирани граѓани. За некои од нив музиката станала и животна определба. Изучувањето на музичките инструменти, како пијано, виолина, кларинет и флејта, а подоцна и балетот како посебен оддел во ова училиште, несомнено придонеле за подигнување на квалитетот и позитивните особини кај овие личности. Меѓу нив би ги издвоиле: Глигор Гелебешев – професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Невенка Чурлинова – виолинистка во МОБ, Маја Аблакова – професорка по виолина на конзерваториум во Париз, Роберт Сапламаев – виолинист што живее и работи во Австрија, Виолета Карајанова – балерина, Ѓорги Калајџиев – обоист итн. Исто така, поголемиот дел од наставниот кадар во училиштето своето музичко образование го започнал токму тука.
Во текот на сите овие четириесет години, многу ученици од музичкото училиште „Васо Карајанов“ учествувале и добивале награди на музички натпревари во земјата и на многу меѓународни натпревари во регионот.
Инаку, пред публиката, која во голем дел дојде во Народниот театар да ги проследи музичките и балетски точки на талентираните млади музичари од ова училиште, настапија педесетина ученици, кои го покажаа пред гевгеличани сиот свој потенцијал.
Прославата на јубилејот продолжи и наредните два дена, 23 и 24 декември, со настап, најнапред на учениците по виолина во класата на професорката Маја Зафирова и учениците по пијано во класата на професорот Владо Сапламаев, како и со концерт на млади музички таленти на кои настапија: Љубица Улиш, Никола Павлов и Мими Дучева на пијано, Пандорка Јанаќиева на флејта и Теа Пејиќ – мецосопран.

Љубчо Алексовски


Растење

Дечиња родени во градови и села,
вас ве чекаат големи дела!
И небото кога ќе го допрете –
немојте да сопрете!
Вие сте актери на сцената,
го играте животот, тоа нема цена.
Завесата е крената –
откривајте ја вселената!
И еден ден
кога ќе пораснете
и кога ќе се заљубите –
детето во себе да не го изгубите!

Димитар Алачки (Од книгата „Таинствен сликар“)