Според истражувањето на германскиот туристички портал „Травелциркус“
Седум од 11-те најдобри скијачки центри во Европа се наоѓаат на Алпите, но најевтини се скијачките центри во Македонија, според петтото традиционалното истражување на германскиот туристички портал „Травелциркус“. Во истражувањето се опфатени и споредени понудите, условите и цените во 120-те најголеми скијачки области во 30 европски земји.
– Големи делови од Европа се претвораат во вистински зимски земји на чудата во постудените месеци. Планините покриени со снег, волшебните блескави пејзажи и погледите што го одземаат здивот привлекуваат илјадници љубители на снегот на повеќе од 3.600 скијачки локации во Европа секоја година – се вели во воведот на истражувањето.
Според „Травекциркус“, ски-картите се движат од 0,1 до 4,29 евра за километар скијачка патека, а Франција има најдобра понуда во однос на цената.
Големи разлики во цената за ски-центрите има во Западна и Централна Европа од една страна и Источна Европа од друга страна.
– Разликата во цената помеѓу Исток и Запад е оправдана. Ако платите повеќе, ќе добиете повеќе патеки. Во Хрватска, на пример, ски-патеките во просек се долги само шест километри. Просечната скијачка патека во Швајцарија е долга 356 километри, следуваат Австрија и Италија со просечна должина од 259 и 239 километри. Франција пак има 438 километри скијачки патеки – стои во истражувањето.
Според „Травелциркус“ дневната цена за скијање која вклучува хотел, користење на скијачка патека и изнајмување на скијачка опрема најповолна е во Македонија (46 евра на ден), Косово (53 евра), Украина (66 евра), Романија (79 евра) и Бугарија (82 евра).
Просечната дневна цена за скијањето во 120 споредени скијачки центри е 152 евра по лице, а околу 60 отсто од таа сума оди за хотелско сместување.