Водечкиот американски имунолог и главен медицински советник во Белата куќа, Ентони Фаучи, рече дека е „премногу рано“ да се размислува за четврта доза на анти-ковид вакцина во САД, додавајќи дека научниците прво мора да проучат колку заштита обезбедуваат три дози.
– Мислам дека е рано да се зборува за четвртата доза – изјави Фаучи, објави весникот „Хил“.
Тој нагласи дека американските научници внимателно ќе ја следат заштитата на бустер дозата на РНК вакцината, сето тоа по појавата на новиот сој, омикрон.
– Ако се покаже дека заштитата од ковид-19 од третата доза е многу поголема отколку кај луѓето кои примиле две дози, тогаш може да поминеме низ долг период без да ја примиме четвртата доза – додаде Фаучи.
Тој исто така рече дека „единственото сценарио каде што може да се земе предвид четвртата доза се поединци кои се во полоша здравствена состојба поради придружните болести или поради лекови што ги земаат“.
– Но, кога станува збор за општата популација, мислам дека ќе ја чекаме одлуката за тоа – нагласи Фаучи.
Германија, Велика Британија и Израел веќе почнаа да размислуваат за четвртата доза поради појавата на омикрон-сојот, а се зборува за период од три до четири месеци по третата доза.