АД „Електрани на Македонија“ (ЕСМ) воведува мерки на штедење со цел намалување на трошоците во услови на енергетска криза. Како што наведуваат од компанијата, во тек е постапка на утврдување работни места што не се неопходни за производството на електрична енергија во одреден временски период.
– Извршителите на утврдените работни места ќе бидат упатени на принуден одмор не подолг од три месеци во согласност со Законот за работните односи, со исплата на 70 отсто од платата – се наведува во соопштението.
Во него се објаснува дека мерките се насочени во правец на намалување на непродуктивните трошоци и реализација на производниот процес со вложување што помалку материјални и човечки ресурси.
– Намалени или целосно запрени се и сите други трошоци, односно стопирани се спонзорствата, репрезентациите, службените патувања, кои не се строго поврзани со производството на електрична енергија, сведена е на неопходниот минимум исплатата на прекувремени работни часови, а законската дневница за патување се исплаќа во половина износ. Запрена е набавката на возила, освен возила потребни за производниот процес, а употребата на патнички возила е целосно и строго рационализирана – посочуваат од ЕСМ.