Германија
Новиот германски канцелар Олаф Шолц го оствари првиот телефонски разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг откако стапи на функцијата. Во разговорот, кој минал во пријателска атмосфера, како што пренесуваат западните медиуми, Шолц истакнал дека тој ќе се заложи за обновување на новиот договор за инвестиции меѓу Кина и ЕУ, кој беше ставен во мирување откако Европскиот парламент наметна санкции кон Кина, како и за подобрување на односите меѓу Берлин и Пекинг. Германскиот канцелар исто така посочил дека тој ќе се насочи и кон нормализирање на трговските врски на Европа со Кина.
Од друга страна, наведувајќи дека менталитетот на Студената војна треба да се заборави, Си Џинпинг повикал на дијалог со Германија за решавање на регионалните и глобалните проблеми. Кинескиот претседател Си нагласи дека развојот на билатералните односи во рамките на проектот „Појас и пат“, кој го објави Кина во 2013 година, а кој има цел да создаде непрекината трговска маршрута од Пекинг до Лондон, ќе биде од корист и за земјите што се наоѓаат на самата маршрута.
Некои европски аналитичари што ги следат релациите со Кина позитивно ги оценија чекорите на канцеларот Шолц, во насока дека треба да се одржува стратегискиот дијалог со Пекинг. Други, пак, истакнаа дека несогласувањата со Кина и понатаму продолжуваат, но ЕУ и Кина во периодот што следува треба да работат заедно за многу важни прашања.
Подготвил: Дејан Србиновски