Вечерва со почеток од 19 часот на сцената на Театар за деца и младинци, премиерно ќе биде изведена куклената претстава „Палешка“, во режија на Давор Драгојевиќ од Црна Гора.

– Претставата „Палешка“ е ново и модерно читање на истоимената бајка од Ханс Кристијан Андерсен, во која главниот фокус е даден на мајчинската љубов и нејзината сила. Претставата допира актуелни теми во современото живеење и растење на децата како различноста и прифаќањето на различноста кај себе и другите, соочувањето со суровоста на светот во процесот на растење и мајчинската љубов која е тука секогаш да нè заштити и спаси од сите тие опасности. Мајсторски изработените кукли водени со совршена прецизност и чувство од сите актери во екипата на сцената создаваат магија со која ќе се соживеат и децата и возрасните – велат од тимот на претставата.

Покрај режијата и драматизацијата е на Давор Драгојевиќ, додека преводот,
адаптацијата и драматургијата е на Драгана Лукан Николоски.

Во претставата играат: Матеа Јанковска, Марија Ѓорѓијовска, Изабела Новотни,
Мартин Јорданоски, Емра Куртишова и Петар Стојанов.

Сценографијата, костимите, дизајнот и изработката на куклите се на Кирил Василев, а
композитор е Алек Родиќ.

Режисерот Драгојевиќ, во име на претставата ќе запише:
„…Мечтајте за да летнете
Нека не ви биде страв
И големи и малечки
Вилински ве носи прав.
Уживајте и љубете
Нека срцето ви пее
Знајте дека кај и да сте
Мајчинската љубов грее.“

Првата реприза на „Палешка“ е закажана за утре од 19 часот.