Фото: Харис Бабачиќ

Пред неколку месеци изгледаше многу надежно дека пандемијата ќе заврши во 2022 година, меѓутоа сега е сè уште неизвесно дали тоа ќе се случи. Одмага себичноста на развиениот свет, кој не ги споделува вакцините со земјите кои имаат недостиг на вакцини и поради тоа ниска стапка на вакцинација. Во земјите кои имаат доволно вакцини, сериозен проблем е несоработката на голем дел од популацијата, кој одбива да се вакцинира и со тоа го одолговлекува проблемот, вели д-р Бабачиќ

Ќе дочекаме ли во следната 2022 година крај на пандемијата од ковид-19, или ќе остане само уште една година на надеж дека светот ќе се врати во нормала.
Последната мутација на омикрон ги поремети проекциите за брз крај на пандемијата, но, сепак, науката не губи надеж. Оценките се дека годината што следува ќе биде голема пресвртница.

Светската здравствена организација (СЗО) навестува наредната година да биде крајот на глобалната пандемија на ковид-19. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејесус вели дека проекциите покажуваат дека до крајот на првото тромесечје наредната година ќе бидат обезбедени вакцини за сите полнолетни граѓани во светот, како и бустер дози за ризичните групи.
– За совладувањето на пандемијата, меѓутоа, најважно е оружјето кое го имаме да го користиме ефикасно и да водиме сметка на еднаквоста затоа што доколку не се вакцинира цел свет не верувам дека ќе излеземе од оваа ситуација-порачал првиот човек на СЗО.

Творецот на вакцината „Фајзер“ пак, смета, дека пандемијата на коронавирусот нема да биде зад нас се до 2024 година.

Фото: Приватна архива

Д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска во Стокхолм, Шведска, вели дека многу е тешко и неблагодарно да се предвидува иднината во состојба каде параметрите често се менуваат, како што е со оваа пандемија. Уште потешко е, како што посочува д-р Бабачиќ, да се даде временски рок кога тоа ќе се случи.

– Пред неколку месеци изгледаше многу надежно дека пандемијата ќе заврши во 2022 година, меѓутоа сега е сè уште неизвесно дали тоа ќе се случи. Одмага себичноста на развиениот свет, кој не ги споделува вакцините со земјите кои имаат недостиг на вакцини и поради тоа ниска стапка на вакцинација. Во земјите кои имаат доволно вакцини, сериозен проблем е несоработката на голем дел од популацијата, кој одбива да се вакцинира и со тоа го одолговлекува проблемот- објаснува тој.

Според него, завршувањето на пандемијата мора да биде заеднички, глобален напор, каде мора прво да целиме да поголемиот дел, преку 80 отсто од популацијата биде целосно вакциниран.

– Колку бргу ќе дојде крајот на пандемијата во голем дел ќе зависи од брзината на достигнување на таа цел. Ако успееме да стигнеме до преку 80 отсто глобална покриеност со вакцини, нема да завршиме со тоа. Вирусот веројатно ќе остане тука и понатаму ќе циркулира во популацијата, но со вакцинацијата ќе имаме значително помало оптеретување на здравствениот систем со хоспитализирани и починати од ковид-19. Тоа ќе е така до моментот кога ќе се постигне еден еквилибриум, па ќе можеме да кажеме дека сме го достигнале крајот на пандемијата-смета д-р Бабачиќ.

Друг фактор кој ќе влијае врз крајот, посочува докторот, е појавата на и справувањето со новите варијанти кои можат да го одолжат траењето на пандемијата.
– Така да сме во трка да ја намалиме трансмисијата и со тоа можноста да се појави некоја нова варијанта отпорна на вакциналниот имунитет, која би ја одолжила пандемијата. Како што сега стојат работите, доколку поработиме на комуникацијата, солидарноста и соработката, верувам дека постои надеж да пандемијата заврши во 2022 година. Но, несоработката на дел од граѓаните ме плаши дека тоа може да се одолжи и до 2023 година – заклучува д-р Бабачиќ.