Фото: Маја Јаневска-Илиева

Симптоматично за македонската јавност е што и покрај интензивната комуникација меѓу двете страни и големиот број изјави на официјални претставници во преговорите, никој не открива ниту дел од содржината на одговорите на бугарскиот предлог што ги доставила македонската страна. Таквата „мистериозност“ и нетранспарентност сѐ поотворено и сѐ почесто предизвикуваат реакции на недоверба и сомнеж за заштитеноста на македонските интереси во одговорите на бугарскиот предлог „5+1“

Сите зборуваат, а никој не кажува за одговорот на „5+1“

Бугарскиот предлог-пакет со услови за повлекување на блокадата за евроинтеграциите на Македонија, т.н. „5+1“, на некој начин се претвори во оска околу која се вртат македонско-бугарските преговори, откако го испорача претседателот на Бугарија, Румен Радев. Според некои проследувачи на текот на македонско-бугарските односи од првото вето на Бугарија во Брисел, овој предлог претставува некакво преформулирање на бугарските позиции пред ЕУ, од неразбирливите за Унијата – историско-идентитетски барања, кон наративот на загрозени човекови права на т.н. македонски Бугари и наводниот говор на омраза во Македонија спрема Бугарија. Сепак и во навидум променетиот наратив, наводно „поразбирлив за ЕУ“, и понатаму остануваат позициите од декларацијата на бугарското собрание, со која „се очекува од Македонија (?!) да ги признае „бугарските корени“ на својот национален идентитет и на македонскиот јазик.
Во секој случај, македонската дипломатија прифати да комуницира врз основа на предлогот „5+1“ и во неколку наврати високи претставници од македонската влада кажаа дека испратиле до Софија одговори со „удобни решенија“. Најсвежа е потврдата од страна на македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој при посетата на неговиот унгарски колега, Петар Сијарто, кажа дека Македонија чека повратен одговор од официјална Софија за пакетот барања „5+1“. Бујар Османи вели дека одговорите биле доставени до бугарскиот колега Стоев уште на самитот на НАТО во Рига. На овој начин, според него, Македонија го комплетирала своето досие и земјава не смее да се посочи како причина за незапочнувањето на преговорите со Унијата.

– Одговоривме по однос на сите прашања. Сметам дека ова е доволно за да се затвори ова прашање, но чекаме одговор од Бугарија по однос на тие ставови, кои, се надевам, ќе продолжат на средба на високо ниво во наредниот период. Се надеваме на што побрза средба, за да може таквите разговори на основа на таа размена на мислења по однос на петте точки да ги конкретизираме со конкретни чекори -рече Османи.
Симптоматично за македонската јавност е што и покрај интензивната комуникација меѓу двете страни и големиот број изјави на официјални претставници во преговорите, никој не открива ниту дел од содржината на одговорите на бугарскиот предлог што ги доставила македонската страна. Таквата „мистериозност“ и нетранспарентност сѐ поотворено и сѐ почесто предизвикуваат реакции на недоверба и сомнеж и кај партиите, но и кај граѓаните за заштитеноста на македонските интереси во одговорите на бугарскиот предлог „5+1“.
– Владата веќе има дадено одговори пред бугарската страна, со кои верува дека ќе бидат надминати сите недоразбирања. Нема никакви јавни информации дека некаков одговор бил подготвен на седница на Владата, или пак на собраниските комисии, и покрај усвоената резолуција во Собранието од страна на сите парламентарни партии – реагираа во јавно соопштение од партијата Левица.
И покрај третото вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, и покрај издвоената изјава на Бугарија на заклучоците од самитот на ЕУ за проширувањето и новите предлози за текот на преговорите од новиот бугарски премиер Кирил Петков, засега „5+1“ останува во процедура на преговори, веројатно до појавата на некој нов предлог. А нетранспарентниот однос на македонските преговарачи и понатаму не ги стивнува сомнежите.
– Лошото искуство од Преспанскиот договор, исто така исполнет со нетранспарентност, менување изјави и предлози од час на час, што доведе до поразителен исход за Македонија, не навестува ништо добро и од овој процес на преговори со Бугарија. Се повторува синдромот на нетранспарентност, преговори во матно, безобразно манипулирање и настап на учесниците во процесот како да се работи за приватен бизнис, а не за национален интерес. Освен тоа, во овој миг сѐ што се преговара и договара е со дискутабилен легитимитет, зашто тоа се прави од премиер (па и Влада) во оставка, кои практично немаат политички легитимитет. Преговори и билатерални договори во таков контекст личат на насилничка авантура за останување на власт. За целиот процес, не смее народот, а особено Собранието да се држат во магла. Секој договор постигнат со бајпасирање на Собранието ќе биде нетранспарентен, срамен, погубен за македонските национални интереси и тежок за поправање. Неопходно е информациите за текот на преговорите да бидат изложени пред Комисијата за надворешни работи на Собранието и нашата позиција да биде категорично одредена од резолуцијата на Собранието, зад која застанаа сите партии – вели професорката Солза Грчева, лидерка на партијата Глас за Македонија.

Поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски согледува дека се повторуваат грешките од водење на процесот на преговори за Преспанскиот договор, пред сѐ во поглед на транспарентноста.
– Преспанскиот договор има и позитивни и негативни аспекти. Делот од негативностите им припаѓа на брзината со која беше спроведена процедурата, таинственоста и нетранспарентноста. Не знаевме ниту кој преговара ниту кој го пишувал договорот. Вокабуларот во договорот никако не упатува ниту на македонската ниту на грчката дипломатија. И сега, во случајот со Бугарија, се чини дека процесот на преговори се води според некое дежа ви ( веќе видено). Вакво водење надворешна политика за најсуштествени национални прашања, најумерено кажано, е неодговорно. И покрај резервата дека некој нешто им ветил усно (необврзувачки) од Брисел на нашите политичари ( но не и написмено, зашто тоа веќе обврзува), нетранспарентноста на процесот на преговори за повлекување на бугарското вето е неодговорно и несоодветно водење надворешна политика – вели амбасадорот Љупчо Арсовски.