СОБРАНИЕТО ЈА КОНСТАТИРА ОСТАВКАТА НА ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ

Собранието вчера ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев од функцијата, при што актуелната влада останува на должност до изборот на новата. Заев ја најави оставката по одржувањето на локалните избори. Тој преку писмо ги информира претседателот на Собранието, Талат Џафери, и пратениците дека поднесува оставка од функцијата премиер и објасни дека „одлуката ја донел како логичен чекор што произлегува од исходот на локалните избори и како израз на одговорност за изборите“. Според Уставот и собранискиот деловник, кои ја регулираат постапката во случај на оставка на претседателот на Владата, роковите за формирањето на новата влада започнуваат да течат по констатирањето на оставката од страна на пратениците.
Во членот 90 од Уставот се забележува дека претседателот на државата е должен во рок од десет дена да му го довери мандатот за состав на влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.
По доверувањето на мандатот, идниот мандатар ќе има рок од 20 дена на Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Потоа, по предлог на мандаторот и врз основа на програмата, Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници ја избира новата влада.
Според предвидените рокови, за 30 дена Македонија би требало да биде предводена од нова влада.
По неодамнешните внатрепартиски избори во владејачката СДСМ, за лидер на партијата беше избран Димитар Ковачевски, кој се очекува да го наследи Заев и на премиерската функција. А.С.