Не се познавам лично со Беким Сали, но ќе иницирам средба. Ќе му оставам аманет да биде одговорен и транспарентен, пред сè, кон новинарите, рече министерот за здравство во заминување, Венко Филипче, одговарајќи на новинарското прашање, на денешната прес-конференција за реновирањето на просториите на Клиниката за ортопедски болести.
Централното претседателство на „Алтернатива“ утврди Сали да биде нивниот предлог за министер за здравство во новата влада, чиј мандатар ќе е Димитар Ковачевски, новиот лидер на СДСМ.
Тој рече дека е вклучен во процесот за избор на кандидат за заменик-министер за здравство, но одлука се уште нема.
-Се обидувам да направам се што можам да му помогнам на новиот претседател на партијата во делот на зајакнување на некои капацитети, споделив искуства од претходниот период како попретседател на партијата и му кажав дека сум на располагање да помогнам во која било форма – рече Филипче.
На прашањето за тоа за што се гордее во неговиот мандат, Филипче ги издвои и платите на лекарите, за кои вели дека се зголемени речиси двојно
– Горд сум што ниту еден пациент со ретка болест не остана без лек и што го укинавме паралелниот увоз на лекови. Сметам дека добро се справуваме со пандемијата. Состојбата е мирна. Нема да правиме дополнотелни рестрикции. За она што најмногу жалам е што не успеавме да го започнеме проектот за нов клинички центар, убеден сум дека тоа е единствен начин терциертната заштита да се направи на највисоко ниво. Модерната медицина бара поинаква инфраструктура – додаде Филипче.