Инспирацијата доаѓа од различни страни, кои на режисерите и на филмофилите им се добро познати. Треба да создадете приказна, да ја поставите и конечно да реализирате сè на големиот или малиот екран. Идеите може да дојдат по гледање различни остварувања, но и читање разни книги, бидејќи режисерите вообичаено се страсни читатели. Во продолжение ви ги откриваме книгите што познатите режисери ги издвојуваат како омилени и кои им послужиле како инспирација.

Џорџ Клуни – „Војна и мир“ (Лав Толстој)
Клуни има големо искуство од двете страни на камерата и секогаш се подготвува за следниот проект. На прашањето која книга би ја однел на пуст остров, тој го издвоил познатиот роман „Војна и мир“ на Лав Толстој, и тоа не само затоа што „има многу страници, а на пуст остров нема тоалетна хартија“. Тој вели дека оваа книга влијаела и на неговата визија за „Квака 22“, која ја обработи во сериски формат пред две години.

Џоди Фостер – „Писма до младиот поет“ (Рајнер Марија Рилке)
Кога некој од светот на актерството ќе се пресели во режисерската фотелја, тоа секогаш привлекува големо внимание и често носи погрдни коментари и непотребни критики. Тогаш е важно да се најдат зборови на охрабрување и утеха, а Џоди Фостер го направи тоа читајќи го делото „Писма до младиот поет“ на германскиот писател Рајнер Марија Рилке. Станува збор за збирка писма што Рилке му ги напишал на еден млад уметник што побарал совет од него за да го охрабри. Фостер често се навраќа на ова дело и им го претставува на многу режисери како поддршка во турбулентни периоди.

Софија Копола – „Пролетен снег“ (Јукио Мишима)
Самиот живот на овој јапонски автор е премногу надреален за сензибилитетот на познатата режисерка, но таа ја обожава неговата проза. Овој роман, кој е прв дел од сагата од четири дела, ја опишува Јапонија во периодот на транзицијата во 20 век и детално го следи конфликтот меѓу старата јапонска аристократија и новата класа на богатите. Копола ја сака ефективноста на неговото пишување, а особено одредени романтични сцени.

Грета Гервиг – „Кон светилникот“ (Вирџинија Вулф)
Еден од најпознатите цитати на Вирџинија Вулф е „не можете да најдете мир со избегнување на животот“, кој се провлекува и низ филмовите на Грета Гервиг, која е позната по тоа што бара смисла во навидум безначајните и мали нешта. Таа вели дека делата на Вирџинија Вулф биле пресудни за воспоставување на нејзиниот режисерски стил и дека нејзиниот ум почнал да реализира одредени филозофски концепти за првпат откако ги прочитала.

Дејвид Линч – „Преобразба“ (Франц Кафка)
Познатиот режисер е опседнат со ова книжевно дело и би сакал да ја режира неговата филмска адаптација, но сѐ уште не се осмелил да го стори тоа, бидејќи смета дека не би било достојно на оригиналот. Дури и го напишал сценариото, но веројатно никогаш нема да го пренесе на големото платно. Не се сомневаме дека ова дело многу влијаеше на неговиот визуелен стил и препознатливите психоделични и сонливи делови.