Европската медицинска агенција (ЕМА) објави дека не го одобрила новиот лек „адуканумаб“ против Алцхајмеровата болест бидејќи се покажал неефикасен во лекувањето на возрасните со симптоми на болеста во рана фаза, пишува Би-би-си.
Добротворните организации посветени на пациентите со Алцхајмерова болест рекоа дека се разочарани од одлуката бидејќи таа остава илјадници луѓе без третман.
Лекот, проследен со контроверзии, беше одобрен во јуни во СAД и претставува прва нова форма на третман на болеста во последните 20 години.
Многу научници во тоа време рекоа дека има малку докази за неговите придобивки и покрај таргетирањето на амилоидот – протеин, кој создава абнормални акумулации во мозокот на луѓето со Алцхајмерова болест.
Производителот „Биоген“ има право да побара одлуката на EMA да се ревидира во текот на следните две недели.
Не е познато дали компанијата ќе поднесе посебна апликација за одобрување до Агенцијата за лекови и здравствени производи на Велика Британија.
ЕМА својата одлука ја заснова на две студии спроведени на повеќе од 3.000 пациенти со ран стадиум на Алцхајмерова болест, кои ги споредувале ефектите од ниските и високите дози на лекот со плацебо.