Игор Станоески алијас Иги Мен, уметник и музичар
На македонските радиостаници деновиве често може да се слушне песната „Por Un Amor“ (За една љубов), заедничка соработка на Рико Санчез и на Иги Мен. Иако на прв поглед изгледа дека станува збор за странци, песната заеднички ја снимија Љупчо Ќурчиевски, познат како Бубе Тартиф, по името на првиот посериозен бенд во кој членуваше пред да замине во странство, каде што и денес живее од музика и настапува со свој бенд, и младиот Игор Станоески, уметник и музичар, кој зад себе веќе има многу настапи како блуз-гитарист, а своите уметнички квалитети како сликар и скулптор ги претставил на повеќе изложби во земјава.
Како дојде до оваа, навидум необична соработка со Рико Санчез?
– Се работи за пријателство од наследен карактер, Љупчо е присутен во мојот живот откога знам за себе. Почетокот на нашето фамилијарно пријателство започнува во школските клупи меѓу него и мојот од неодамна покоен татко Петар Станоески во текот на 1960-тите години. Mузичката соработка со Љупчо Ќурчиевски, кого во скопските музички кругови го знаат како Бубе Tартиф, а во светот е познат како Рико Санчез, е една природна аналогија на она што ме опкружува низ времето.
Зошто се одлучивте да ја снимите токму песната „Por Un Amor“?
– Приказната за песната почнува во 1999 г., која е првично снимена како составен дел од вториот студиски албум на Рико Санчез, „Фиеста“. Низ разговорите заклучивме дека на „Por Un Amor“ ѝ треба нова верзија со цврсто присутна електрична соло-гитара и така јас се вклучив во приказната. Снимањето се одвиваше во студиото „Алшар“, а техничката реализација беше на Ивица Јанкуловски. Соработници ни се Дарко Мучев-Мучо, бас-делниците, и Дарио Циески и Арсо Јаневски, тапаните и перкусиите. На пијано и органа со своето присуство Александар Никодиновски ја збогати песната, а женските вокали ѝ ги доверивме на Рената Симоновска.
Дали ова е прво ваше посериозно навлегување во звуците на латиномузиката?
– Секогаш сум бил фан на таа музика, се разбира, првенствено како слушател. Музиката на „Џипси кингс“, Карлос Сантана и сите други класици од латиносветот се составен дел од мојот вкус и музичка колекција. Всушност песната го има главниот збор без разлика за кој музички жанр се работи. Доколку те повлече мелодијата и најдеш во неа простор слободно и креативно да си играш, треба да го направиш тоа.
Песната е веќе објавена на Јутјуб, дали ќе има видеозапис?
– Прво ќе се концентрираме на тоа „Por Un Amor“ да добие радио промоција во Македонија и во Австрија, како и во некои други европски земји. Секако и дигиталната промоција на сите платформи денес е обврзувачки и составен елемент од функционирањето на музичарите. Видеозапис или спот е отворена варијанта, но исто така и снимање на неколку други песни, а може и цел албум.
Годинава е при крај, дали сте задоволен од постигнатото?
– Последнава година ми беше исклучително напорна на професионален и на личен план. Ја завршувам со две сликарски изложби од циклусот наречен „Криза“. Во поглед на музичките активности, би сакал да направам промоција за новиот албум „Unforgateble You“, снимен во чест на мојот татко Петар Станоевски, кој е комбинација од негови досега неснимени композиции, некои мои и некои заеднички. Некои од нив датираат веќе дваесетина години и имавме план да ги снимиме заедно, но, за жал, животот не го дозволи тоа. Во иднина ќе се фокусирам на тоа сите музички идеи и композиции од мојот татко и идол да добијат своја документација и достојно да се материјализираат во форма на носач на звук.