САД
Силни торнада во неколку сојузни држави, главно во централните делови на САД, викендов предизвикаа огромна материјална штета, срамнувајќи со земја и некои делови од повеќе градови, каде што бројката на загинати и исчезнати лица од час на час сѐ уште расте. Имено, во тек е потрагата по преживеани во повеќе региони од шест американски држави опустошени од силните торнада во кои загинаа најмалку 94 лица, а стотици се водат како исчезнати. Американскиот претседател Џо Бајден прогласи состојба на катастрофа во Кентаки, најпогодената држава. Таму, според извештаите на медиумите, загинале 80 лица, од кои десетици во урната фабрика за свеќи, но бројот на загинати се очекува да се искачи над 100.
Во исто време, десетици илјади луѓе во оваа сојузна американска држава останале без струја и вода. Торнадата исто така урнале и складиште на фирмата „Амазон“ во Едвардсвил, Илиноис, при што загинале шест лица. Полицијата соопшти дека сè уште не е познато колку работници се водат за исчезнати. Интензитетот на најновите бури поттикна шпекулации за тоа колку торнадата се поттикнати од климатските промени, иако претседателот Бајден рече дека точното влијание сè уште не е јасно.
– Сите знаеме дека сè е поинтензивно кога климата се загрева – рече Бајден. Ваквите појави, како што се торнадата надвор од пролетните и летните месеци, се исклучително ретки.
Подготвил: Дејан Србиновски