Ангел Димитров, копретседателот на македонско-бугарската експертска комисија за историски и образовни прашања, продолжува со своите контроверзни изјави. Во своето последно интервјуто за „БНТ“, Димитров отворено го негира постоењето на македонскиот народ и македонската држава низ историјата.
– РС Македонија покажува неподготвеност да работи врз основа на историските принципи, наука, историја… Не постојат историски докази кои говорат за постоењето на македонскиот народ, македонската држава и дека Самоил е македонскиот крал – рече Димитров за „БНТ“.
Димитров исто така рече дека политичарите се секогаш на потег кога се во прашање билатералните односи.
– Историјата влијае насекаде, историјата дава аргументи, им помага на политичарите да ги разберат корените на современите проблеми, но тие не се оние што ги одредуваат односите. Целата одговорност е на политичарите – вели Димитров во интервјуто за „БНТ“.
Во однос на бугарската позиција, Димитров одговори дека таа е совршено јасна и неранлива, но друго прашање е колку добро таа е претставена и кој сака да ја разбере.
Неговите искажувањата се оспорливи и дискутабилни од неколку аспекти. Димитров како член на македонско-бугарската комисија, која има задача да да даде научно и објективно толкување на историските настани врз основа на автентични докази и засновани историски извори, излегува надвор од своите надлежности.
Извесно е дека Димитров решението на проблемот не го гледа преку научната историска расправа во рамките на комисијата во која се образложат различните видувања врз основа на изворите, туку во политичарите. На овој начин се ускратува можноста на членовите на комисијата да изнајдат решение кое ќе биде засновано врз објективно толкување на историските настани.
Од друга страна, неговото искажување дека не постојат историски докази кои говорат за постоењето на македонскиот народ и македонската држава, не само што е антиисториско од научен аспект, туку е и контрапродуктивно и дополнително ја усложнува работата на комисијата.