Фото: Игор Бансколиев

Како дел од договорот за влегување на Алтернатива во Владата беше посочено и барањето за меѓународна истрага и експертиза за судските пресуди, при што се посочуваат случаите „Монструм“, „Алфа“, „Диво Насеље“, „Алмир Алиу“… Барањето експертиза за веќе завршени случаи, според познавачите на правото, досега не се случило никаде во Европа. Овој експериментален предлог, за кој не постои ниту законска заднина, сериозно би индицирал на поткопување и мешање во надлежностите на судската власт како уставна категорија

МОЖНА ЛИ Е УШТЕ ЕДНА КАПИТУЛАЦИЈА
НА ПРАВОТО ПРЕД ПОЛИТИКАТА

Вешто поставена јамка за евентуално идниот премиер, непознавањето на правото или отворено признание дека од владеењето на правото и од правната држава во Македонија нема ништо, дека извршната власт не се откажува од влијанието врз правосудството и дека тоа е далеку од реформирано. Ова се само некои од коментарите со кои експертската, но и пошироката јавност го проследија сегментот од постигнатиот договор меѓу СДСМ и Алтернатива за ново парламентарно мнозинство, кој се однесува на барањето за меѓународна истрага за судските пресуди каде што има сомневања за „политичка импликација“, при што се посочуваат случаите „Монструм“, „Алфа“, „Диво Насеље“, „Алмир Алиу“…

Реакциите и дилемите во стручната јавност произлегуваат, пред сѐ од фактот дека станува збор за случаите за кои, во земјава, се донесени правосилни пресуди. Со други зборови, судските инстанци во Македонија веќе се произнеле и одлучиле во однос на овие случаи. Барањето експертиза за веќе завршени случаи, според познавачите на правото, досега не се случило никаде во Европа.
– Се моли министерот за правда да објасни како тоа ќе има меѓународни истраги за пресудени предмети – реагираше меѓу првите професорот по казненопроцесно право Гордан Калајџиев на социјалните мрежи.
Потоа Калајџиев, и во својата колумна, напиша оти не слушнал дека некоја држава во Европа побарала од Европската комисија независни експерти да добијат мандат да испитаат кои судски случаи се монтирани.
– Тоа е рамно на политичко самоубиство – констатира тој, потсетувајќи дека владата на премиерот во оставка Зоран Заев дојде на власт со мандат да ја врати правната држава и да спроведе реформи во правосудството, кон што сега и самата покажува недоверба.
Предмет на еден политички договор каков што се случи минатиот викенд, според него, би требало да биде прашањето дали правниот систем е функционален и има ли доволно алатки за да ги исправи евентуалните судски неправди.
– По правило, судските грешки во нормални држави првенствено ги исправаат повисоките судови преку жалби како редовни правни лекови пред апелациските судови или преку т.н. вонредни правни лекови (главно пред Врховниот суд). Ако пресудите се конечни, а останат очигледни неправди, останува можноста за амнестија (од страна на Собранието) или на помилување (од страна на претседателот). На меѓународен план, најефективно средство за исправање на неправдите е Европскиот суд за човековите права, кој може да констатира дека постапките не биле правични (фер) и дека судот можеби бил пристрасен, дека биле повредени правата на обвинетите и сл. – објаснува професорот.
Ако е неспорно дека имало политички монтирани процеси, кои домашниот систем не може да ги исправи, придобивката од меѓународно непристрасно експертско тело, како што вели, би била во процесот на селекцијата на овие судски постапки.
Некои од упатените, сепак оставаат простор и за таканаречената меѓународна истрага, но под услов да постои и меѓународна институција што ќе ја спроведе, а потоа и меѓународен суд што ќе донесе нова пресуда, слично на Хашкиот трибунал, кој беше формиран заради истрага и санкционирање на воените злосторства на просторите на поранешна Југославија.

Инаку, во текот на постапките, како што дообјаснуваат, можела да се побара меѓународна помош врз основа на постојните закони и подзаконски акти, што Владата, и покрај претходно изнесените сомневања во регуларноста на голем дел од случаите со поголем политички импакт, не го сторила.
– Во согласност со позитивните прописи во нашата држава, истрагите што се завршени и судските одлуки што се веќе донесени и се правосилни и конечни, не може да се преиспитуваат доколку ги поминале сите судски инстанци во нашиот правосуден систем, вклучувајќи и Европскиот суд во Стразбур како инстанца, која постапува при евентуална повреда на правата утврдени во Европската конвенција за човекови права. Несомнено е дека постојат примери за меѓународна соработка помеѓу држави и формирање истражни тимови за откривање криминал во кој се ползува меѓународна експертиза, со цел да се овозможи објективна истрага во одредени случаи кога е тоа потребно. Но овие истражни тимови се формираат пред да започне истрагата, а не откако истата таа ќе заврши или, пак, целосно ќе заврши судската постапка. Како соодветен пример за тоа би ја посочиле соработката што се спроведува во рамките на здружените истражувачки тимови при Евроџаст на ниво на Европската Унија, каде што националните судски власти тесно соработуваат за сузбивање прекуграничен организиран криминал. Меѓутоа, фазата во која доаѓа овој предлог, веќе правосилно завршени судски постапки, воопшто не кореспондира со домашната регулатива за тоа како би можело да се постапи по истиот тој. Ова експериментално предлог-решение, за кое не постои ниту законска заднина, мора да се напомене дека сериозно би индицирало на мешање во судската власт, која претставува уставна категорија и би ја поткопала нејзината самостојност и независност – елаборираат од невладината коалиција „Сите за правично судење“.
Што се однесува, пак, на реформите во делот на правосудството, од коалицијата се согласни дека реформските процеси се одвиваат бавно, што резултира и со слабо видливи резултати, особено кога станува збор за ефикасноста на судството и судските постапки.

– Оттука, незадоволството од реформските процеси односно од ефикасноста на судството и евентуалното „политичко“ мотивирано постапување на одредени индивидуи, како што беше истакнато, далеку посоодветно е да се рефлектира преку законски утврдените контролни механизми како Судскиот совет или, пак, Советот на јавни обвинители, отколку да се пристапува на креирање решенија што немаат законска основа – додаваат од коалицијата „Сите за правично судење“.
За потсетување, премиерот Заев по потпишувањето договор за коалицирање со партијата Алтернатива на Африм Гаши, информира дека е постигната согласност Владата официјално да побара Европската комисија да определи тим од независни експерти што ќе извршат меѓународна истрага на сомнителни судски процеси.
– Ова е договорено затоа што довербата во правосудниот систем е поодамна разнишана. Но тоа не значи дека некој ќе може да ги поништи судските процеси или да направи нешто спротивно на нашите закони – изјави Заев по постигнувањето на договорот, потврдувајќи дека тоа е иницијатива на Гаши.
Гаши, пак, објасни оти се сомнева дека судии носеле пресуди со предрасуди за етничката припадност на обвинетите.
– За жал, последните 30 години постоеле сомнежи околу судските одлуки. Имало сомнежи за политичко влијание. Нашата цел е да нема незадоволство меѓу заедниците, бидејќи судија тргнал со предрасуди за етничката припадност на обвинетите. Нас нѐ задоволува правда, тоа можеме да го направиме како влада, да доставиме барање до ЕК и да спроведеме постапка – кажа Гаши.
Претходно, портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани, извести дека се договориле Владата да побара меѓународна истрага за случаите „Монструм“, „Алфа“, „Диво Насеље“ и „Алмир Алиу“.
Објаснувања и ставови во врска со побараната експертиза за веќе завршени судски случаи побаравме и од Министерството за правда и од Здружението на судии, но до затворање на денешното издание на весникот немаше повратен одговор. Д.М.М.