Заедничкиот инклузивен проект ќе биде крунисан со заеднички концерт, кој ќе се одржи на 21 декември во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци. Подготвивме богата програма со многу точки, а на крајот сите заеднички ќе ја испеат песната „За еден свет“ на Тоше Проески, вели дефектологот Зоран Велков

Декември е месецот кога во јавноста малку повеќе се зборува и се обрнува внимание на лицата со посебни потреби, но се чини тоа не е доволно, бидејќи нивното целосно прифаќање и инклузивност се неопходни уште од нивната најмала возраст. Сепак, работите полека се поместуваат на подобро, па сѐ почесто се сретнуваме со позитивни примери. Еден од нив, секако, е соработката на фолклорниот ансамбл „Тиквеш“, кој работи во рамките на домот на културата „Иван Мазов-Климе“, и учениците со посебни образовни потреби од ОУ „Страшо Пинџур“ во Кавадарци, која започна минатата година со организирање работилници. Таму, децата имаа можност да се запознаат со традиционалните инструменти и носии, како и со традиционалните игри во Македонија.
Можноста да се запознаат со кавалот, зурлата, гајдата, тапанот, да ја допрат, па дури и да ја облечат народната носија, како и заеднички да заиграат и запеат со членовите на друштвото, предизвика голема радост кај овие ученици. Средбите со членовите на фолклорниот ансамбл прераснаа во прекрасни и искрени дружби, кои ќе бидат крунисани со заеднички концерт што треба да се одржи на 21 декември во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци.

Инклузивно оро

– Средбата со овие деца, нивната искрена радост и среќа за време на работилниците беше вистинскиот мотив да ја продолжиме соработката со нив и заедно со нивниот наставник дефектологот Зоран Велков да го изготвиме проектот „Фатени за раце го менуваме светот“. За да се претставиме во вистинско светло, двапати во неделата имаме средби, во просториите на Домот на културата, како и во основното училиште „Страшо Пинџур“ и сериозно се подготвуваме за заедничкиот концерт. Мојата концепција за настапот е рамноправно вклучување и на ученици со посебни образовни потреби. Во овој момент можам со сигурност да кажам дека меѓу нив откривме многу талентирани деца, кога станува збор за народната музика и со задоволство најавувам дека ќе бидат дел од игроорците на сцената. Така, во игроорната група со сигурност ќе ја имаме С.Р., која е глувонема, но има неверојатно чуство за ритам и прекрасно игра, како и Г.А., поранешен ученик од овие паралелки, кој на инструментот тапани ќе биде дел од оркестарот – вели Методи Глигоров етнокореолог во ансамблот „Тиквеш“.
Дефектологот Зоран Велков исто така е вклучен во реализацијата на проектот.
– Со организирањето на настанот под мотото „Фатени за раце го менуваме светот“ сакаме да покажеме дека заеднички можеме многу работи да направиме, па и еден ваков концерт, кој е плод на една многу успешна соработка. Подготвивме богата програма со многу точки: настапи на фолклорните групи од ансамблот, на оркестарот, потоа ќе ги видиме точките на членовите на танцовото студио на Фросина Василева и за крај одбравме сите заеднички на сцената да ја пееме песната „За еден свет“ од Тоше Проевски. Покрај родителите на учесниците, во публиката секако ќе има место и за нашите пријатели од здруженијата на граѓани и компании што редовно ги помагаат сите наши активности – ни открива дефектологот Зоран Велков.

 

Зголемен интерес кај младите кавадарчани за фолклорот

Заедно со децата со посебни образовни потреби од ОУ „Страшо Пинџур“ за овој концерт се радуваат и членовите од помалите групи од ансамблот „Тиквеш“. Со задоволство може да се забележи дека ансамблот, особено по доаѓањето на етнокореографот Методи Глигоров, започна да ја менува перцепцијата за негување на фолклорот со еден нов и професионален пристап кон работата. Новите костими, кореографии и новите сценографии придонесоа да се забележи зголемување на интересот кај младите за фолклорот во овој ансамбл со долга традиција во градот, што се поткрепува со податокот дека во 2023 година одбележува 70 години од постоењето.
– По затишјето поради пандемијата кога имавме проретчени проби, последниве месеци интересот за фолклорот се враќа. Резултатот можевме да го видиме на традиционалниот годишен концерт, кој имаше три изданија во два дена. Ансамблот има свој оркестар на традиционални инструменти, а од оваа година и нов етносостав под името „Дукена“ со инструментите: кларинет, кавал, клавијатури, гитара, тамбура, тапани и вокал. Моментално во ансамблот членуваат околу 100 игроорци, од кои најмалата група почетници опфаќа деца од пет до 10-12 години, потоа е групата за деца од 12 до 14 и од 14 до 18 години и се разбира, репрезентативниот прв ансамбл со повозрасни членови. Репертоарот е со традиционални содржини, нешто како ансамблот „Македонија“, но и стилизиран фолклор како ансамблот „Танец“. Со моето доаѓање како етнокореограф настојувам секоја игра што е поставена на репертоарот да е со соодветна носија, инструменти и сценографија. Мојата цел и задоволство во работата со деца во изучувањето и откривањето на убавините на македонскиот фолклор е во тоа, барем додека се на проба, да ги одделиме од телефоните и од социјалните мрежи. За возврат им нудиме дружба со игра и песна, концерти, јавни настапи и гостувања надвор од Кавадарци и од Македонија – ни рече Методи Глигоров.