Баерн ја победи Борусија Д. (3-2), а два гола постигна Левандовски, 66-ти на 55 меча годинава (во Бундес-лигата годинава 40, два помалку од рекордните 42 на Милер во 1972 година) и вкупно 118 на гости, еден повеќе од досегашниот рекордер на Бундес-лигата, Фишер

ФУДБАЛ – БУНДЕС-ЛИГА

Роберт Левандовски постигна два гола за Баерн, кој ја победи Борусија Дортмунд (3-2) во дербито „Дер класикер“ и се оддалечи на четири бода од својот ривал во германската фудбалска Бундес-лига. За Баерн ова беше шести триумф во дербито по ред и загуби само два од претходните 11 меча. Вкупно, Баварците имаат 52 победи наспроти 26-те на Борусија.
Победничкиот гол на Левандовски (од пенал) му беше 66-ти на 55 натпревари во 2021 година и 118-ти на гостински терен во Бундес-лигата, најмногу во историјата на ова натпреварување, еден повеќе од досегашниот рекордер, Клаус Фишер. Левандовски (33) постигна 16 гола во 14-те првенствени кола. Годинава Левандовски има 40 гола во Бундес-лигата, само два помалку од рекордните 42 на Герд Милер во 1972 година. До крајот на годинава Баерн треба да одигра уште три меча.
Левандовски реализира 38 од 42 пенали во Бундес-лигата што е 90-процентна успешност. Полјакот постигна 26 гола на 25 натпревари против поранешниот клуб, повеќе отколку против кој било друг клуб. Тој има најмногу победи во „Дер класикер“, 17, и е најдобар стрелец со 27 гола. Мечот со Борусија беше 350-ти натпреварувачки за Левандовски за Баерн. Тој е четвртиот странски играч што во дресот на Баерн стигнал до оваа бројка од основањето на Бундес-лигата, по Давид Алаба (Австрија), Франк Рибери (Франција) и Хасан Салихамиџиќ (БиХ).
Кингсли Коман (Баерн), кој постигна еден гол, настапи на седум натпревари „Дер класикер“ и сите ги доби Баерн. Ерлинг Холанд (Борусија Д.), пак, има шест гола на исто толку натпревари против Баерн, а вкупно 51 гол на 51 натпревар во Бундес-лигата.