Таа е најдолга партија во меч за светски првак (136 потези), со што го надмина претходниот рекорд (124) стар 43 години, на дуелот Анатолиј Карпов – Виктор Корчној во Багио (во 1978 година). По седум партии од предвидените 14, Карлсен води со 4-3
ШАХ – МЕЧ ЗА ТИТУЛАТА СВЕТСКИ ПРВАК
Светскиот шаховски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.855 рејтинг-поени, рангиран на првото место во светот), поведе во мечот за титулата светски првак што се игра во Дубаи (ОАЕ), против Русинот Јан Непомнијашчи (2.782, рангиран петти), со 4-3. Тој ја доби шестата маратонска партија во позиција на крал, топ, коњ и два пешака против крал и кралица. Потоа седмата партија заврши со реми (по 47 потези), а белите фигури ги водеше Непомнијашчи. Вчера на распоредот беше осмиот дуел, од предвидените 14.
Карлсен во шестата партија ги имаше белите фигури, а возбудливата партија траеше неверојатни седум часа и 47 минути, односно се играше во два дена. Почна во петокот (во 16.30 часот), а заврши 17 минути по полноќ во саботата, нешто што не се случило откако прекините беа укинати во средината на 1990-тите години.
Покрај водството, победата на Карлсен во шестата партија собори повеќе рекорди во мечевите за светски првак. Така, таа е најдолга според бројот на одиграни потези (136), со што го надмина претходниот рекорд (124) стар 43 години, одигран во петтата партија од мечот помеѓу Анатолиј Карпов и Виктор Корчној (во 1978 година) во Багио (Филипини).
Ова е прва партија на Карлсен во меч за светски првак под покровителство на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) со решавачки исход по 19 ремија во низа, што претставува најмногу партии без победа (од 24 ноември 2016), кога Карлсен го победи со бели фигури Сергеј Карјакин.
Ова е и прва партија во која шаховските машини покажале дека позицијата е сигурно реми (од 115-ти до 130-ти потег), а таа да заврши со победа. На три претходни меча за светски првак беше забележана ваква материјална нерамнотежа (кралица против два топа), а последен пат кога Ананд ремизира во деветтата партија против Топалов (во 2010 година). Исто така, нерешено (кралица против два топа) имаше и во мечот Спаски – Петросјан (во 1966 година), а Крамник успеа да го победи Леко во првата партија за титулата (во 2004 година). Претходните шест меча за светски првак почнуваа со пет ремија, а во шестиот Карлсен ја прекина таа серија. Возбудливиот финиш на оваа партија на „ТВ-чесс.ком“, го следеле во живо околу 140.000 љубители на шахот.
– Мислев дека треба да ја направам партијата што е можно подолга за и двајцата да бидеме што е можно поуморни кога ќе дојде критичниот момент – изјави Карлсен.
Непомнијашчи ја направи решавачката грешка во реми-позиција во 130-от потег, по што пешакот на Карлсен се закани да се претвори во нова кралица.
– Магнус успеа да ги искористи малкуте шанси што ги доби во партијата – рече Непомнијашчи.
НЕКОИ ПОДАТОЦИ ЗА ШЕСТАТА ПАРТИЈА
- партијата траеше рекордни седум часа и 47 минути
- се играше во два дена, почна во петокот, а заврши во саботата
- тоа е најдолга во меч за светски првак според одиграни потези (136)
- прва победа на Карлсен во меч за светски првак по 19 ремија во низа
- оваа партија на „ТВ-чесс.ком“ ја следеле во живо околу 140.000 луѓе