По повод Светскиот ден на лицата со попреченост, 3 Декември, денеска во ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп беше организирана хуманитарната акција „Од деца за
деца“, на која присуствуваше и градоначалникот Борче Јовчески. На акцијата беа презентирани честитки изработени од учениците од сите основни училишта во нашиот град. Градоначалникот Јовчески посочи дека овој ден е посебно акцентиран на потребите и проблемите кои ги имаат и со кои се соочуваат лицата со попреченост.
– Но, не е доволно само еден ден да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите туку тоа треба да биде секој ден. Затоа јас во мојата програма наведов дека ќе ги подобриме условите за работа и функционирање во Центарот за деца со посебни потреби „Ѕуница“ и останатите центри. Ќе придонесам за зголемување на кадарот на стручно вработени кои работат со овие деца и нема да застанеме тука, туку активно ќе работиме на подобрување на нивната еднаквост во општеството – рече градоначалникот Јовчески.
Директорот на ООУ „Климент Охридски“ Ахил Јаков истакна дека овој ден е посебно акцентиран на потребите и проблемите кој ги имаат и со кој се соочуваат лицата со попреченост.
– Изработените честитки ќе бидат изложени во просториите на Центарот, а собраните средства ќе бидат наменети за потребите на учениците од Центарот за поддршка на учење – изјави Ахил Јаков.
Градоначалникот Борче Јовчески, според протоколите за заштита од ковид-19, денеска ги посети и дневниот центар „Ѕуница“, Дневниот центар за церебрална парализа и Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост ПОРАКА-Прилеп, при што
се запозна со потребите на центрите за нивно функционирање. Ка.М.