Посебна мистерија за истражните органи е бројот на загинатите во трагичната несреќа, со оглед на фактот дека тие на самото место затекнале 44 тела, а не 45, како што беа првичните информации. Истражителите ја отфрлија и можноста за експлозија во автобусот, нагласувајќи дека причина за смртта на сите загинати е задушување

Бугарските истражители ги соопштија првичните наоди за автобуската несреќа

Човечка грешка и несоодветно обележување на автопатот се најверојатните причини за тешката автобуска несреќа на автопатот Струма во Бугарија, во која животот го загубија 45 лица, обелоденија вчера бугарските истражни органи, соопштувајќи ги првичните наоди од истрагата.
Директорот на бугарската национална истражна служба, Борислав Сарафов, изјави дека главниот сомнеж укажува дека најверојатно се работи за човечка грешка, која можеби била предизвикана и од несоодветната сигнализација на автопатот.
Според него, немало никаква експлозија, туку она што го слушнале преживеаните патници бил ударот во заштитната ограда, кој поради брзината и силината со која автобусот удрил во неа бил интензивно силен и прозвучел како експлозија.
– Немало експлозија, туку она што го слушнале оние што биле во близината е ударот, силниот удар на автобусот во банкината од десната страна, за која кажав дека не ѝ е местото таму. Немало експлозија – појасни Сарафов.
Тој како можна причина за опожарувањето на автобусот го наведува триењето на откинатата банкина по асфалтот, што довело до искрење.

– Откачувањето на банкината и стружењето со автобусот, кое било како шмиргла и од кое имало искрење, најверојатно е причина поради која автобусот се запалил – вели Сарафов, притоа појаснувајќи дека металните остатоци од банкината што останале заробени под возилото ги дупнале резервоарите со нафта, а при пожарот дошло и до експлозија на воздушните перничиња, кои исто така можеле да го засилат интензитетот на пожарот.
Според него, обдукциите врз загинатите покажале дека никој од загинатите не настрадал од сообраќајката, туку причина за нивната смрт е задушување.
– Обдукциите се готови и покажуваат дека сите загинале од задушување, а не од повреди во сообраќајка. Биле живи во моментот пред да избувне пожарот. Ангажирани се најдобрите автотехнички експерти, а назначена е и анализа од пожарна за интензитетот на пожарот – додава Сарафов.
Директорот на бугарската национална истражна служба се осврна и на информациите што се појавија во јавноста за можното шверцување гориво.
– Има верзии дека имало туби со гориво. Таа верзија од нас е отфрлена. Најдени се три туби, но има остатоци од нафта што ја користи автобусот, а пожарот не настанал од нив. Нема туби од бензин, освен оние вообичаените – изјави Сарафов.

Тој ја отфрли верзијата и за можен терористички напад врз автобусот и додаде дека како дел од причините на несреќата се и лошите обележувања на автопатот.
– Ќе се прави и експертиза зошто автобусот скршнал од патот и што довело до трагедијата. Гледаме дека има лошо обележана сигнализација на патот и дека автобусот удрил во банкината, која не само што не е корисна туку е и опасна за сообраќајот – појаснува Сарафов.
Првиот човек на бугарската национална истражна служба дополни уште дека тие досега не испрашале ниту еден очевидец на сообраќајката.
– Во медиумите се прикажува дека има 15-20 очевидци, а нема очевидци. Ние не сме испрашале ниту еден очевидец, освен оние што преживеаја во несреќата. Ќе замолам да нема шпекулации и да се известува професионално. Сведоци нема, ниту еден. Прво се испрашани двајца од оние што патувале во автобусот, кои биле будни, и тие даваат точни и објективни сознанија. Испрашани се одделно еден од друг и кажуваат исти верзии за настанот. Се испрашуваат уште двајца од преживеаните – вели Сарафов.
Обвинителот Љубомир Јовески денеска ќе ја пречека бугарската екипа во обвинителството, која доаѓа во Македонија да земе ДНК-примероци од роднините, за да може да се направи побрза идентификација на жртвите, по што телата ќе им бидат вратени на семејствата.


Мистерија или лоша меморија

Посебна мистерија за истражните органи е бројот на загинатите во трагичната несреќа, со оглед на фактот дека тие на самото место затекнале 44 тела, а не 45, како што беа првичните информации.
– Телата со сигурност беа 44. Граничната контрола на контролниот пункт „Капетан Андреево“ евидентирала 52 патници во автобусот. Единствената опција е еден од патниците на списокот да се прекачил во друг автобус – додаде Сарафов.
Оваа дилема ја нафрли портпаролката на главниот обвинител во Бугарија, Сиjка Милева, која рече дека во разговор со еден од преживеаните патници, тој со сигурност ѝ тврдел дека од автобусот се спасиле осум луѓе, а во болница биле примени само седум настрадани. Останува мистерија каква е судбината на тој еден патник, односно дали тој претходно се префрлил во некој од преостанатите три автобуса што сообраќале на истата релација.
– Еден од преживеаните во несреќата на магистралниот пат Струма тврди дека не се спасени седум, туку осум патници, но неговото тврдење може да се должи на „лоша меморија“. Но фактите покажуваат дека во автобусот биле пронајдени 44 тела – истакна Милева.


Предната врата отпаднала, но огнот не дозволил
патниците да излезат

Раководителот на истражителите од бугарската национална истражна служба, Мариан Маринов, тврди дека на местото на настанот има траги од сопирање на автобусот.
– Има траги од сопирање, возачот реагирал пред ударот во банкината. Според изјавите на сведоците, автобусот најпрво од непознати причини се отклонил надесно и удрил во банкината. Се претпоставува дека возачот се збунил, сакајќи да сврти десно кон исклучувањето за чешмата – појаснува Маринов.
Тој додава дека непосредно по ударот се појавиле интензивни пламени од десната страна на возилото и по запирањето на автобусот многу брзо внатре се појавил чад.
– Луѓето се обидувале да ги отворат прозорците, но безуспешно. Во моментот на ударот, предната врата излетала и е пронајдена од страна на заштитната ограда. Без оглед што немало врата, таму веќе се појавил голем пожар и луѓето не можеле да излезат од напред. Сите се упатиле кон средната врата. За жал, автобусот ја откинал банкината и од левата страна на патот. Продолжувајќи да се движи, тој се заглавил меѓу двете банкини во средишниот дел со целиот габарит. Задната врата била заглавена од банкината – појасни Маринов, додавајќи дека патниците едноставно немале шанса да излезат навреме.


И македонското обвинителство ќе се вклучи во истрагата

Македонскиот јавен обвинител Љубомир Јовески најави вклучување на македонското обвинителство во истрагата за автобуската несреќа во Бугарија веднаш штом бугарските обвинители ќе завршат со истрагата.
– Во моментов македонските власти земаат биолошки материјали од роднините на загинатите за потребните ДНК-анализи, а тезата за тубите е шпекулација – рече Јовески за БТВ.
Тој додаде дека автобусот бил речиси нов, само три години стар, а во октомври поминал на технички преглед во земјава.


Да се почекаат резултатите од ДНК-анализата

Додека не заврши ДНК-анализата не може да се утврди точниот број на настрадани лица, вели директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, додавајќи дека на местото на автобуската несреќа во Бугарија се пронајдени 44 тела и остатоци од тела, кои ќе се поврзат со ДНК-анализата.
– Направени се 44 обдукции, но увидени се и остатоци од тела што ќе се поврзат со ДНК-анализата. Треба да почекаме да се испитаат овие остатоци и тогаш точно ќе видиме колку лица биле настрадани – посочи Станков за МИА.
Тој потврди дека извештаите од македонските лекари од Судска медицина ќе им бидат предадени на бугарските власти, по нивното комплетирање.