Според неговата реконструкција, еден важен предупредувачки знак е паднат уште од мај, а други делови од сигнализацијата се амортизирани и во практика не се гледаат, особено ноќе кога треба добро да рефлектираат светлина
Бугарски шампион во рели направи реконструкција на несреќата
Повеќето бугарски сообраќајни експерти сметаат дека освен потенцијална грешка на возачот или проблем со автобусот, не треба да се исклучи ниту можноста несреќата да е предизвикана од лошата состојба на патот и несоодветната сигнализација покрај коловозот, која, според нив, можеби погрешно го навела возачот.
За таа цел, познатиот бугарски авторели-возач Димитар Илиев, кој има огромно возачко искуство зад себе и завршена академија за безбедност во сообраќајот, вчера направи сопствена реконструкција на несреќата, во која наведува неколку факти што би можеле да ја предизвикаат несреќата. Според неговата реконструкција, еден важен предупредувачки знак е паднат уште од мај, а други делови од сигнализацијата се амортизирани и во практика не се гледаат, особено ноќе кога треба добро да рефлектираат светлина.
– Имаме многу проблеми што не трпат воопшто одлагање, јас алармирам уште од 2019 година. Тоа се места на кои редовно се случуваат тешки несреќи и многу често има загинати луѓе. Проблемот е што нема волја тие нешта да се поправат – изјави Илиев во гостувањето на БНТ.
Пребарувајќи по негови стари видеа од делницата, тој забележал дека во април имало предупредувачки знак за место за одмор по 500 метри, но подоцна тој знак исчезнал и откако направил проверка на самото место, го пронашол знакот паднат зад банкината.
Илиев уште предупредува и на лошото означување на самото место за одмор каде што има знак за делење на патот, кој е несоодветно поставен, а на него има залепено реклама, за која вели дека ја намалува неговата рефлектирачка видливост.
Градежен работник бил сведок на несреќата
Сведок на трагедијата на автопатот Струма е градежниот работник Илија Николов, човекот што прв ја пријавил автобуската несреќа на бројот 112.
Тој заедно со уште двајца колеги бил ангажиран да работи на свлечиште во близината на патот, а злокобната ноќ додека спиеле во караван на околу 500 метри од местото на несреќата ги разбудил силен звук, по што веднаш истрчале надвор од караванот и забележале оган.
Според Николов, огнот се проширил многу брзо и едноставно не можеле да се доближат до возилото поради високата температура и пламените јазици наоколу.
Автобусот, според сведокот, горел од предната страна, а имало оган и назад, но не толку силен.
– Слушнав звук, нешто како „бауу“, но не можев да разберам што е тоа. Со колегата се спуштивме долу до кулата и гледаме дека нешто гори во заштитната ограда. Но тогаш видовме како огнот постепено се засилува одзади. Пријдовме и сакавме да помогнеме, но немаше начин. Веќе беше многу топло, не можевме да се доближиме до автобусот – објаснува Николов.
Роднините на настраданите бараат процесот да заврши што поскоро
Трауматични и болни семејни судбини
Роднините на починатите и на преживеаните од трагичната сообраќајна несреќа на автобусот на „Беса транс“, која се случи ноќта во понеделникот кон вторникот, на автопатот Струма, бараат да ги посетат преживеаните роднини и да ги вратат што поскоро дома, а загинатите да ги испратат во вечниот дом. Некои од нив допатуваа во Софија.
– Дојдовме да им дадеме поддршка на преживеаните, од вчера сме тука, но ги нема… Немаме увид, не можеме да ги видиме. Докторите ни кажуваат дека тие се добро, во траума се, но вака не ги имаме видено – вели Али Селмани, кој во трагедијата загубил тројца роднини, а четворица успеале да се спасат.
Според него, подобро е целата работа да заврши што поскоро, бидејќи луѓето не можат да го издржат психолошкиот притисок.
– Тие патуваа како и сите што патуваат, како и целиот свет што патува, преку агенција, организирано со автобус за Турција. Тоа што се случи е голема трагедија, болка е во Македонија, многу семејства се. Апелирам што побрзо да заврши сето ова. Колку повеќе сме во неизвесност, толку е поболно – додава Селмани.
Асим Селмани од скопско Количани, скршен од болка, вели дека во завчерашната трагична несреќа на автопатот во Бугарија ги загубил ќерката и зетот.
Тој пристигнал во Бугарија за идентификација на телата на загинатите, но сè уште немаат информации за тоа каде се.
– Кај треба да ги чекаме, ни ние не знаеме. Имаме информација дека не се тука. Само тие починатите каде се однесени не знаеме, чекаме министерот Бујар Османи да дојде, да ни каже информации – рече Селами, притоа додавајќи дека од неговиот син во Скопје бил земен ДНК-материјал.
Студеничани завиено во црно
Трагичната автобуска несреќа во Бугарија во црно го зави скопско Студеничани, кое на автопатот Струма загуби 20 свои жители. Атмосферата во Студеничани ден по несреќата е траорна, а локалните жители тешко можат да поверуваат дека повеќе ги нема нивните сограѓани.
– Трагичен настан. Сочувствуваме со семејствата на настраданите – велат некои од жителите, кои се погодени од страшната вест.
Да биде болката уште поголема придонесе и тоа што пламените јазици проголтаа 12 члена од семејството Јахиу од селото Моране, од општината Студеничани, од кои осум биле деца.
– Значи десетмина се од потесното семејство и две други жртви, од поширокото семејство, роднини. Две жени со осум деца, на различна возраст, имаше седумгодишно девојче, таа беше најмалото дете, потоа машкото имаше 10-12 години – посочи роднина на семејството Јахиу.
Градоначалникот на Општина Студеничани, Азем Садику, изјави дека од вкупниот број на загинатите во сообраќајна несреќа во Бугарија, 20 лица се од населените места од оваа општина.
– Ова е една голема загуба за сите нас, за целата држава, и во име на граѓаните на општината Студеничани најпрвин на роднините на загинатите им изразувам длабоко сочувство. Ова е голема болка, човек не може да најде зборови како да ги искаже жалоста и болката. Црн ден за целата држава, а особено за нашата општина – рече Садику.
Општина Чаир со парична помош за семејствата на загинатите
Советот на Општина Чаир на вчерашната вонредна седница одлучи да им се додели парична помош на семејствата чии роднини го загубија животот во трагичната несреќа што се случи завчера во Бугарија.
Советот едногласно ја одобри одлуката средствата предвидени за украсување на територијата на општината Чаир за новогодишните празници да бидат распределени за семејствата на загинатите во трагичната несреќа во Бугарија.
– Се надеваме дека со овој наш денешен чин ќе придонесеме во ублажување на болката на членовите на семејството, кои ги загубија своите роднини во трагичната несреќа – рече градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Советот на Општината формираше и комисија со претставници од сите партии во Советот на Општина Чаир и еден вработен од општинската администрација, кои ќе одлучуваат за распределбата на овие средства.