Пејте што почесто, порачуваат стручњаците, бидејќи тоа е многу добро за здравјето, физичкото, а посебно менталното, особено ако сте тажни или чувствувате тегобност
Не сте особено надарени за музика, но со задоволство пеете во друштво, во кафеана или дома, додека се туширате или додека на радио ја слушате омилената песна. Би требало да го правите тоа почесто, порачуваат стручњаците, бидејќи тоа е многу добро за вашето здравје, физичко, а особено ментално. Ова го потврдуваат и неодамна објавените резултати на едно интересно истражување што „БМЏ поддршка и палијативна нега“ го спровела во САД. Половина од испитаниците што изгубиле некој близок, а не земале лекови против анксиозност и депресија, ниту се подложиле на психотерапија, ги вклучиле во хор. Пробите траеле по час и половина секоја недела, а учесниците на студијата овие обврски ги прифатиле во текот на 12 недели. Во однос на втората група испитаници, кои не пееле во хор, тие месеци по овој настан се чувствувале значително подобро, си ги вратиле ведрината и самодовербата и биле поефикасни.
– Било да пеете во група или сами, тоа ќе ви ги намали нервозата и нивото на кортизол, хормонот на стресот – тврди музикотерапевтката Елисон Хагли.
Некои истражувања укажале на тоа дека пеењето може да ја ублажи физичката болка, а наодите од студијата што годинава ја направиле фински научници од Универзитетот во Хелсинки говорат за тоа дека пеењето дури ги подобрува и когнитивните функции. Испитаниците од 60 години што му се приклучиле на хорот, поуспешно се изразувале од оние без пејачки аспирации.
Музикотерапевтката Лиза Таунсенд препорачува кога и да почувствуваме потреба со некоја мелодија да го поправиме моментното расположение, да го направиме тоа, без оглед на тоа што не знаеме да пееме, немаме убав глас или не сме сигурни дека песната баш така звучи.
– Пеењето е искуство во кое учествува целото тело, вклучува длабоко дишење, ослободува допамин и ендорфин (хормони на среќата) и ви помага да станете свесни за своето тело и за своите чувства – истакнува Лиза.
Таа ги поттикнува своите пациенти да ја пронајдат својата песна што ќе ги инспирира кога ќе бидат малодушни. Тоа може да биде песна поврзана со некој убав спомен на одредено место, настан, личност или мелодија што тие ја смислиле. Ако веднаш не го погодите тоналитетот, само застанете, длабоко вдишете и продолжете.
Потпевнувањето, свиркањето, караоке, пеењето на рефренот или едноставно само „ла ла ла“, со плескање со дланките, пукање со прстите или нишање на целото тело, сето тоа е пожелно и здраво, сметаат стручњаците. А меѓу придобивките од оваа активност, покрај поведрото расположение, е и нормализирањето на крвниот притисок, јакнењето на мускулите на лицето и вратот (кои најмногу се активираат при пеење) и вежбите на дишење.