Деветгодишната Теа ни испрати дел од нејзините цртежи и од стрипот што неодамна го нацрта. Таа постојано ја истражува својата околина, ја разубавува и украсува, а притоа користи сѐ што ќе ѝ се најде при рака. Освен за Ликовно, се интересира и за Математика, а тренира и одбојка во училишниот клуб
ТАЛЕНТИ:. Теа Цветановска (9)
Деновиве во нашата редакција стигна голем пакет. Со големо љубопитство го отворивме, а во него имаше цртежи и едно писмо. Во писмото пишуваше:
„Здраво, јас сум Теа Цветановска, имам девет години и учам во основното училиште ’Димо Хаџи Димов‘ во скопската населба Влае. Омилени предмети ми се Математика и Ликовно, а тренирам и одбојка во училишниот клуб. Во слободното време сакам и да читам, а омилена книга ми е ’Животот на Лота‘.
Стриповите ги открив во викендичката на Марков манастир, каде што мајка ми оставила неколку, кои ги зачувала откога била дете. Многу ми беа интересни, често ги разгледувам и затоа, кога наставничката ни даде домашно, од текстот ’На постарите сестри им е потешко‘, да напишеме поинаков крај или да нацртаме нешто, јас одбрав од него да направам стрип. Ми беше и забавно, затоа што и јас сум постара сестра, иако сестра ми се лутеше и велеше дека на помалите им е потешко.Многу сакам да цртам и затоа секогаш и секаде со мене носам боици, па дури и на плажа, каде што бојам камчиња и школки и лепам фигури на картон. Сакам и други изработки, па затоа кога бев помала, од Дедо Мраз си побарав книга за изработки и сега учам од неа. Правам животни од ориз, пченица, гравчиња, сега во есен и од исушени лисја и костени.Често изработувам и играчки за помалата сестра. Вчера ѝ направив лаптопи за нејзините кукли. За Велигден секогаш цртаме по јајцата, а ги украсувам и саксиите на мама. Кога немам материјали, знам да си поиграм и со храна.
Ете, ви открив дел од моето секојдневие и се надевам дека ве поттикнав и вие да бидете креативни, да ѝ се препуштите на вашата фантазија и да смислите нешто оригинално, бидејќи создавањето е вистинска магија.
Голем поздрав до читателите на ’Колибри‘ од Теа“.
Е па, драги деца, ова е мини-изложба на талентираната Теа Цветановска. Таа на страниците на „Колибри“ ги изложи своите дела, направени со многу љубов и инвентивност, а со нетрпение ги чекаме вашите.