Тројната круна со Интер во 2010 година и пласманот со Македонија на Европското првенство годинава, се најголемите успеси на Горан Пандев во текот блескавата фудбалска кариера која на почетокот на веков започна во Беласица, а е предвидено да заврши на крајот на сезонава.
Пандев како фудбалер на Џенова ќе стави крај на кариерата. Неговиот тим од пред две недели има нов тренер, кога на клупата на „грифоните“ седна славниот Андриј Шевченко. Легендата на Украина и Милан, ќе дебитира викендов против Рома, на чија клупа седи поранешниот тренер на Пандев, Жозе Мурињо.
Рекордерот со 122 настстапи и 38 голови во македонскиот национални тим, во изјава за „Кориере дело Спорт“, потврдил дека нема да го смени мислењето и дека по завршувањето на сезоната ќе замина во фудбалска пензија. Пандев нагласи и дека нема намера да започне тренерска кариера.
– Дефинитивно ова е мојата последна сезона. Не мислам дека некогаш ќе работам како тренер, можеби да бидам менаџер или нешто слично. Клубот направи добра работа со ангажманот на Шевченко. Тој е амбициозен тренер, со шампионски ген, од него многу се очекува. Мурињо? Имам само пофални зборови за него. Мурињо е човекот кој го промени мојот поглед кон фудбалот – изјавил Пандев.
Џенова со Шевченко на клупата ќе ја пречека Рома на Мурињо, утре од 20.45 часот.