Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според дипломатски извори од Брисел, на маса се подготвува една нова стратегија, односно Бугарија да даде отворена поддршка за евроинтегративните процеси само за Албанија, а цената на тоа да биде целосна промена на политиката на Албанија на штета на македонското малцинство, кое треба да се побугари и да се прикаже како бугарско?!

ДА СЕ ДЕМАСКИРА ТАЈНИОТ ПЛАН МЕЃУ СОФИЈА И ТИРАНА

Постои ли таен договор меѓу Софија и Тирана, според кој Бугарија би дозволила почеток на преговорите за влез во Европската Унија за Албанија, а за возврат Албанија да признае постоење на бугарско малцинство во Мала Преспа?
Вакви дипломатски гимнастики неофицијално кружат во кулоарите во Брисел. Некои од македонските медиуми ја загатнуваат оваа исклучително интересна тема, превентивно откривајќи непринципиелни комбинаторики на одметнати бриселски апаратчици.
Имено, веќе подолго време Бугарија се обидува со делење бугарски пасоши меѓу Македонците во Албанија од нив да направи и да ги прикаже како Бугари.
Според одредени дипломатски извори од Брисел, на маса се подготвува една нова стратегија, односно Бугарија да даде отворена поддршка за евроинтегративните процеси само за Албанија, а цената на тоа да биде целосна промена на политиката на Албанија во однос на македонското малцинство и признавање на постоење бугарско малцинство на територијата на Албанија. Инаку, во Албанија со закон е признаено постоењето на македонското малцинство, што веројатно и најмногу ја боли Бугарија, па се обидува преку нејзините веќе добро испробани методи на асимилација и побугарување да ја фингира фактичката состојба и да прикаже наводно постоење на бугарско малцинство. Оваа стратегија Бугарија ја применува и кон Македонија, каде што исто така се бара признавање на некакво измислено бугарско малцинство, иако според сите показатели станува број за минорен и занемарлив број случаи, кои се бројат на прсти.
Од друга страна, Бугарија со години упорно одбива да ги спроведе одуките на меѓународните судови и да го признае постоењето на многубројното македонско малцинство во Бугарија.

Тони Менкиновски, правен застапник на Македонците во Бугарија, смета дека Бугарија ќе стори сѐ за да не го признае македонското малцинство во Бугарија.
– Овие обиди на Бугарија не се од сега. Овие обиди и ќе продолжат во иднина. Сѐ зависи само од нас Македонците како ќе се позиционираме во целиот процес, односно дали ќе продолжиме да го игнорираме постоењето на малцинствата во соседните земји или ќе заземеме активна улога во борбата за нивните права пред меѓународните институции – објаснува адвокатот Менкиновски.
Според дипломатските извори, обидите за асимилација на Бугарија на македонското малцинство во Албанија продолжуваат без никакви рестриктивни мерки од страна на албанските власти.
Таа борба е оставена само на македонските здруженија и на партијата на Македонците во Албанија.
Агресивноста и финансиската моќ со која настапуваат бугарските мисионери во овие краишта воопшто не се за занемарување.
Дипломатските извори реагираат дека молкот на македонската држава на ваквата отворена асимилаторска политика на Бугарија е тоа што изненадува.
– Ако се земат предвид политиките преземени од страна на Македонија со потписот ставен на Преспанскиот договор и на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, ова што се случува во Албанија и не изненадува. Македонија со тие потписи едноставно се обврза да молчи, што и да се случува, во однос на почитувањето на основните човекови права на Македонците во Бугарија и Грција – велат овие извори.