На денешен ден пред 147 години беше роден еден од најзначајните заштитници на македонските национали особености
Крсте Петков Мисирков, кој е роден на денешен ден пред 147 години, во македонската историја останува запаметен како бележит филолог, лингвист, фолклорист, публицист, политички дееец и еден од најзначајните заштитници на македонските национални особености – јазик, историја и култура.
Негово најпознато дело е книгата „За македонцките работи“ објавена во Софија во 1903 година. Во неа, Мисирков на многу јасен начин го образложува концептот за оформување на литературниот стандарден македонски јазик заснован врз централните македонски говори. Со својата дејност Мисирков изврши големо влијание врз понатамошниот развој на македонската национална мисла и литературен јазик.
Кон крајот на 19 век во османлиска Македонија делувале неколку националистички пропаганди, а меѓу нив особено била влијателна бугарската пропаганда кој имала за цел создавање на Голема Бугарија, замислена според Санстефанскиот договор. Но и покрај ова, во редовите на македонската интелигенција се појавила и друга тенденција која себе се манифестирала, не во полза на обединувањето со Бугарија, туку во оформувањето на Македонија како одделна автономна провинција.
Луиџи Виљари, италјански воен дописник, кој посетил Македонија по Илинденското востание вели дека оваа „тенденција била пропагирана од страна на интелигенцијата која укажувала дека населението во Македонија не е сосема идентично со она во бугарската држава и дека говори посебен дијалект.“ (The Balkan question; The present condition of the Balkans…, 144.)
Мисирков бил еден од претставниците на оваа македонската интелигенција, но тој не бил единствениот. Затоа Гане Тодоровски вели дека за „да се сфати и протолкува целосно Мисирков, секако ќе треба да се укаже и на неговите претходници во Македонија. Меѓу нив секако би дошле Ѓорѓи Пулевски, Исаија Мажовски, Марко Мушевич и Темко Попов, во прв ред, како и Спиро Гулапчев, Евтим Спространов, Коста Шахов и Марко Цепенков на еден поширок и индиректен план.“ (Блаже Ристовски, Крсте П. Мисирков…, 546 – 547.)
Делувањата на овие македонски национални дејци во голема мера го објаснуваат појавувањето на Мисирков и ја осветлуваат генезата на неговите идеи.
Мисирков до крајот на својот живот ги пропагирал и заштитувал македонските национални интереси. Во 1924 година, во „Мир“ ја објавил статијата „Македонска култура“ во која истакнал: „Има ли навистина македонска национална култура и македонска национална историја што би можеле да им бидат спротиставени на Србите и да го обосноват македонскиот идеал за независна Македонија?
За среќа, можеме да дадеме потврден одговор: да, има македонска национална култура и македонска национална историја, одделни од тие на Србите и на Бугарите, и покрај сето тоа што и едната и другата досега не биле предмет за опстојно и непристрасно проучување: Србите и Бугарите еднострано и со голема пристрасност го одбирале од македонската култура и историја само она што го прославува нивното национално име, игнорирајќи прашања од капитална важност само затоа што тие не ги засегнуваат или им противречат на националните стремежи на одбирачите и нивните соплеменици.“ Д.Ст.