Во училиштата на дневна основа има од 24 до 72 заразени ученици. Во градинките, пак, во изминатите седум дена се регистрирани пет деца и 21 вработен позитивни на ковид-19. Колку вкупно деца и вработени одат во изолација кога ќе се дознае за новозаразен зависи од процената на епидемиолошките служби, но често оди цела група или цело одделение кога станува збор за помали деца
Денови од одмор или оправдание за вработените чии деца се во изолација
При издадено решение за изолација на дете, еден од родителите или полнолетен член од семејството мора да го гарантира спроведувањето на изолацијата на детето и да биде во изолација заедно со детето. Работодавачот е должен да го оправда неговото отсуство од работа, велат од Министерството за здравство за жалбите на родителите дека не се толерира нивното отсуство од работа кога детето им е во изолација поради тоа што имало контакт со заразен, а притоа не е болно. Оттаму ги охрабруваат родителите да пријават кога не се почитува нивното право.
Наставниот процес оваа учебна година се одвива со физичко присуство во училиштата. Според мерките за заштита, децата и наставниците седат со маски на часовите. Во градинките децата не носат маски. Кога ќе се потврди дека некој е заболен од ковид-19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје, која итно треба да направи анкета со вработените, учениците или децата и родителите за процена на степенот на ризик од проширување на инфекцијата. Дали во изолација ќе одат еден, неколку ученици и деца или цело одделение и група зависи од процената на епидемиологот. Нема единствен протокол што може да важи за сите случаи, а епидемиолозите одлучуваат според процената што ја прават врз основа на добиените одговори. Родители се жалат дека не можат лесно да го оправдаат отсуството од работа.
– Моето дете е во изолација затоа што било во контакт со заразено дете во градинка. На работа прво ми побараа да отворам боледување. Матичната докторка не ми даде и објасни дека детето не е болно и поради тоа не може да отвори боледување. Потоа ми побараа да земам денови од одмор. Не можам да се расправам или да се заканувам дека ќе пријавам во инспекција затоа што не знам што може да ме очекува, а од дома не можам да работам и зедов одмор. Сопругот не може да отсуствува од работа. Ако до крајот на учебната година има уште некоја изолација, не знам што ќе правиме – вели М.К. од Скопје.
Друга мајка вели дека од септември досега во два наврата отсуствувала од работа, по еднаш за двете деца.
– Ум немам како би било сега кога се заладува и загадувањето е поголемо, па се зголемува бројот на заразени. Во градинка групите се преголеми, а во училиштата прашање е како воопшто ги носат маските. Јас ги разбирам и работодавците што се лутат, целиот работен процес трпи, но немам друго решение – вели таа.
И во МОН и во МТСП сметаат дека состојбата е стабилна.
Бројот на новозаразени ученици на дневна основа во училиштата се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240-те илјади ученици, но навремената реакција не дозволува широка трансмисија на коронавирусот, а тоа го покажал и скринингот, наведуваат од МОН.
Оттаму велат дека за учениците што се позитивни или во изолација се организира онлајн настава, исто како и за учениците чии родители или старатели побарале настава на далечина. Комисијата за заразни болести, која на дневно ниво ја следи епидемиолошката состојба во училиштата, одлучува за евентуална промена на моделот на настава. Истовремено апелираат и за доследно почитување на протоколите за заштита.
Во градинките, пак, во изминатите седум дена, податоците на Министерство за труд и социјална политика (МТСП) велат дека се регистрирани пет деца и 21 вработен позитивни на ковид-19.
– Состојбата со пандемијата во детските градинки е стабилна. За тоа потврдуваат и бројките од 0,17 отсто позитивни деца на ковид-19 и 0,99 отсто вработени во јавните установи за згрижување на деца, на ниво на државата – велат од МТСП.
Колку вкупно деца и вработени одат во изолација кога ќе се дознае за новозаразен зависи од процената на епидемиолошките служби, но често оди цела група или цело одделение кога станува збор за помали деца. С.Н.М.